Секторот за внатрешни работи Скопје попладнево информираше дека целосно е расчистен случајот со четирите малолетници од кои две во бесознание беа пронајдени во куќа на 40-годишник и однесени на Клиниката за токсикологија.
Според информациите на СВР Скопје, веднаш се преземени голем број на оперативно тактички мерки и дејствија, со цел расветлување на настанот и утврдување на точната фактичка состојба.
– Од страна на увидна екипа од ЕУМНА во присуство на јавен обвинител и доктори од ИСМК беше извршен увид, при што се подигнати повеќе материјални траги кои се предадени за вештачење, се наведува во соопштението од СВР Скопје.
Од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта во четвртокот пристигнале во куќата во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица, а која е сопственост на Д.Ѓ. (40), кој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.
– Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале и при тоа се здобиле со повреди, информираат од СВР Скопје.
Д.Ѓ. е лишен од слобода и со него е извршен разговор при што тој ги потврди исказите од малолетните лица.
Против Д.Ѓ. е поднесена кривична пријава во брза постапка за кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ по чл.217 ст.1, а во врска со кривично дело “производство и пуштање во промет средства за лекување“ предвидено и казниво по член 212 ст.1 од КЗ.
Осомничениот е изведен пред Судија на претходна постапка