Неколку полицајци денеска се повредени во новиот бран насилство на улиците на британските градови, на четвртиот ден од немирите поради убиството на три девојчиња на почетокот на неделава во малиот град Саутпорт, во северозападна Англија.
Во последните денови избија немири во повеќе британски градови во кои учествуваа стотици лица кои протестираа против имигрантите, откако на социјалните мрежи се проширија лажни информации дека осомничениот за масакрот е радикален муслимански имигрант.
Полицијата соопшти дека Аксел Рудакубана (17), осомничениот за прободувањето со нож во понеделникот на детскиот час по танц во Саутпорт, е роден во главниот град на Велс, Кардиф, но антиимигрантските и антимуслиманските протести продолжија и се претворија во насилство и немири.
Полицијата на Ливерпул денеска соопшти дека неколку полицајци се повредени додека се обидувале да го смират „сериозното нарушување“ во центарот на градот.
Властите во градот Хул, на истокот на Англија, соопштија дека четири лица се уапсени, а тројца полицајци се повредени во протестите кои вклучувале фрлање шишиња.
Издадени се совети за зголемување на безбедноста во џамиите низ целата земја, додека полицијата распореди дополнителни сили.
Новиот британски премиер Кир Стармер, избран на почетокот на јули, е пред својот прв голем тест. Тој ја осуди „екстремната десница“ за насилството и ја поддржа полицијата во преземањето на строги мерки. Тој денеска за немирите низ земјата телефонски разговарал со главните министри, соопшти неговиот кабинет.
Според неговата денешна изјава „нема оправдување за насилството“.
Тепачки и насилство избувнаа и во Лидс и Манчестер, како и во Ливерпул, каде демонстрантите фрлаа јајца, лименки со пиво и димни бомби. Во Белфаст, некои бизниси пријавија материјална штета. Неколку лица беа уапсени во Лондон, вклучително и едно за давање нацистички поздрав на контра-демонстрант.
Четворица полицајци повредени во синоќешните немири се пренесени во болница, а 12 лица се уапсени, изјави денеска Марк Хол, началникот на полицијата во Сандерленд.
-Ова не беше протест. Ова беше непростливо насилство и неред, рече Хол.
Викендов се планирани најмалку 30 протести низ Велика Британија, јави Би-Би-Си, што ќе бидат организирани заедно со бројни контрапротести на антирасистички групи.