Вкупно 120 натпреварувачи од осум земји ќе учествуваат на отвореното државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини 2024“, што утре ќе се одржи во Струга во организација на клубот „3 Дисциплини“.
Никола Кутаноски, тренер во клубот „3 Дисциплини“ вели дека се е подготвено за 13-тото државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини“, на кое покрај од земјава ќе учествуваат натпреварувачи од Полска, Австрија, Бугарија, Хрватска, Косово, Србија и Албанија.
Ова првенство, според него, нуди идеални услови за учество на професионалци, но и на почетници, затоа што има категории за сите возрасти и нивоа на подготвеност.
-Постојат неколку категории, најјаката е „елит“ или категорија за најподготвените, односно оние што бркаат олимписки и европски норми. Со нив стартуваат и „јуниорите“ кои исто така се висока категорија само во различна возрасна група, млади триатлонци од 16 до 18 години. По нив се кадетите од 14 до 17 години и на крај се „деца 1“ и „деца 2“, односно помлади и постари пионери, појасни Кутаноски.
Се надева дека временските услови ќе бидат на нивна страна и сите учесници ќе стартуваат во трка за најдобрите позиции.
Поради непречено одржување на натпреварите, Кутаноски информира дека патот од кружниот тек кај Евро хотел до кружниот тек кај хотелот Солферино ќе биде затворен за сообраќај в недела од 8:30 часот.