Директорот на БЈБ Сашо Тасевски го нема да се огласи по честитката за семејната фирма на домашна адреса, веројатно зафатен со развој на бизнис планови, бидејќи со криминалот и корупцијата и онака не му оди, обвинува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

На прес конференцијата тој изјави:

Почитувани, Сашо Тасевски повторно го злоупотребува МВР за лични соопштенија, па за семејна фирма на домашна адреса, наместо Тасевски, се јавува МВР, коешто потврди дека има фирма, ама таа не пречела во работата.

Сепак, неодговорени остануваат прашањата пред фактите:

На 12 октомври лани, 2022 година на домашна адреса на Сашо Тасевски е регистрирано Друштво за трговија, услуги и производство СМАРТИОТ, дооел со ограничена одговорност на едно лице, сопственик и управител, синот на Сашо Тасевски.

Сашо Тасевски е должен да одговори, со што тоа семејно се занимаваат на домашната адреса, со што тргува, какви услуги нуди и што произведува?

Колкав бизнис е во прашање и кои се клиентите коишто ги користат услугите на фирмата на домашната адреса на Сашо Тасевски, директорот на БЈБ?

Дали и колку позицијата директор на БЈБ добро влијае при склопување зделки на фирмата на домашна адреса?

Тасевски и до сега се криел за скандали за негови блиски и семејството, но тоа не ја менува вербата дека Сашо Тасевски ќе го остави синот да не успее како бизнисмен и дека нема да помогне во развојот на фирмата на домашна адреса.

Доколку Тасевски ја пријавил фирмата до ДКСК, доколку известил дека се почнува семеен бизнис на домашна адреса, нека го покаже документот, пријавата, соодветната комуникација со ДКСК.

Тоа му е должност и обврска.

Македонија тоне во криминал и корупција, од пиштоли се пука среде бел ден, ама Сашо Тасевски си тера семеен бизнис план, додека МВР го претвори во семеен прес центар!

Само избори се спасот.

На новинарско прашање како го коментира пожарот во кумановскиот суд и изгорената архива, Наумовски одговори дека власта се подготвува да замине и веројатно смета дека ќе успее да се сокрие криминалот.

Индикативно е што сега и периодот претходно се случуваат пожари и поплави во јавни институции каде што страдаат документи и архиви. Власта се подготвува да замине и веројатно смета дека ќе успее да се сокрие криминалот. Секој криминал, индиции за криминал, но и наводни несреќи  и индиции за наводни несреќи и пожари и поплави по смената на власта ќе бидат детално истражени. Одговорност ќе има, истакна портпаролот Стоилковски.