Признавањето на палестинската држава како дел од мировниот процес на Блискиот Исток е „неспорно право“, му порача новиот британски премиер Кир Стармер на палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Лидерот на лабуристите, кој убедливо победи на изборите во Велика Британија, разговараше со Абас за „страдањето и трагичната загуба на животи што продолжува“ во Појасот Газа.
Стармер разговараше и со израелскиот колега Бенјамин Нетанјаху, нагласувајќи ја „јасната и итна“ потреба за прекин на огнот и враќање на заложниците киднапирани од палестинската милитантна група Хамас во терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври.
Британскиот премиер рече дека е важно да се обезбедат долгорочни услови за решение со две држави, кое, според него, вклучува и обезбедување средства за палестинската управа да има финансиски ресурси со цел ефективно да работи, јави „Тајмс оф Израел“.
Двајцата премиери разговарале и за „регионалната безбедност на Блискиот Исток“.
Во изборниот манифест лабуристите ветија дека ќе ја признаат палестинската државност како дел од процесот што треба да резултира со решение со две држави.