– Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната средба со министерот за одбрана на Унгарија, Криштов-Залаи Бобровницки, истакнал дека „Македонија останува цврсто на определбата активно да учествува во промоција и зачувување на мирот и стабилноста во регионот“.
-Како земја членка на НАТО алијансата овозможуваме континуиран придонес за зајакнување на глобалната и трансатлантска безбедност, потенцирал Николоски на билатералната средба што денеска се одржала во Охрид, во рамки на официјалната посета на делегацијата на Владата на Унгарија предводена од проемиерот Виктор Орбан.
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата била истакната одличната соработка во одбраната меѓу двете земји, како значаен сегмент во остварување на целите на НАТО-алијансата и обезбедување на мирот и безбедноста на глобално ниво.
-Македонија активно учестува со регионалните иницијативи кои се од особена важност за меѓусебната соработка и дава значаен придонес за регионалниот развој, истакна заменик претседателот Николоски. Притоа тој ја изрази цврстата заложба на Владата во остварување на реформските процеси во земјава и исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, наведува Министерството во соопштение.
По средбата Николоски истакнал дека „билатералните односи со Унгарија се на одлично ниво“ и дека „посетата на премиерот Орбан со министрите е само потврда на силната поддршка што ја овозможува Унгарија за Македонија во остварување на стартешките цели на земјата“.
-Со колегите министри разговаравме за бројни политички и економски прашања, нови можности и соработки меѓу двете земји. Унгарија е наш долгогодишен пријател и партнер и поддршката што ја овозможува за нашиот европски пат е значајна во ова време и се надеваме дека периодот што следува ќе имаме нови заеднички иницијативи и соработки во различни области, истакнал по средбата Николоски.
Министерство за транспорт посочува и дека двајцата соговорници се согласиле за интензивирање на соработката во области од заеднички интерес за двете земји.