Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи и летечкиот персонал станаа столб на заштитата од пожарите, нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој говореше и за ефикасноста на хеликоптерите Бел-412 и Бел-212, како и Бел-206, оспособени за гаснење на пожари, а се дел од Хеликоптерската единица при МВР, во вчерашниот дневник на МТВ во „Тема на денот“.

Тој информира дека во Идризово се наоѓа Одделот за воздухопловни единици и Хеликоптерската единица за полициски намени, од каде, како што рече, оперира целиот персонал, пилоти и сите што работат на овој Оддел.

– Ова е исклучително важна единица за државата, за безбедноста, заради тоа што сите активности практично што ги спроведуваме за зголемување на безбедноста во делот на заштитата и спасувањето, тоа го прават нашите пилоти и навистина сум горд на тоа што оваа единица опстојува и се развива 54 години, истакна министерот Спасовски.

Говорејќи за инвестициите направени во Одделот од страна на раковдството на МВР во изминатите неколку години, потсети дека е направена целосна реконструкција на зградата, набавена е потребната опрема за пилотите и за другиот технички персонал што работи во Единицата. Најважно од сѐ, потенцира, направивме сериозен напредок во однос на ремонтирање или сервис на постојните воздухоплови.

– Ако 2015 имавме само еден воздухоплов кој беше во пловна состојба, денеска сите воздухоплови се во пловна состојба. Извршен е детален сервис на сите нив за да можат да бидат во добра состојба при летењето, да бидат функционални, бидејќи тоа е смислата на постоењето. Многу е важно што оваа Единица се користи во сите прилики каде што има потреба од брза интервенција, брза реакција, дали е тоа во спасување на човечки животи, во пожари, за полициски намени кога е потребно, а во последно време ја користиме и за масовна сеча на шуми, што е новост во работењето, меѓутоа дава исклучително важни резултати, рече Спасовски.

Потсети и на Договорот со МВР на Република Словенија, за обезбедување на медицинска опрема за хеликоптерите, која ќе се монтира во еден од овие воздухоплови со кои ќе може да се пренесуваат лица до Скопје и од Скопје во другите медицински центри. ,

– Сакам да им оддадам исклучително признание на началникот и сите пилоти и вработени во овој Оддел, за нивната пожртвуваност и посветеност кога станува збор за државата и граѓаните. За нив нема работно време, нема „можам“ или „не можам“, едноставно секогаш се ставаат во функција на државата и граѓаните. Секогаш кога имаме тешки, сложени состојби, за нас можеби нерешливи, тука се заедно со специјалните единици на МВР да ги завршат и најтешките и најсложените задачи, подвлече министерот Спасовски.