Владата не само што не покажа слух и не го прифати амандманот на СДСМ, истовремено не понуди ниту образложение зошто нема потреба да се прифаќа амандман за помош на семејствата на настраданите во Кочани, потенцираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција откако на амандманската расправа за ребаланс на Буџетот, пратенците од власта не гласаа за амандманот на СДСМ и коалицијата. Амандамот предвидуваше 934 милиони и 340 илјади денари директна помош на семејствата настраданите и на повредените во Кочани, во најголемата трагедија којашто ја зафати Македонија.

Спасовски посочи дека во Буџетот има пари и дека Владата требаше да покаже добра волја и да го прифати амандманот. Тој дури и понуди како пратеничка група ако се прифати овој амандман, тогаш сите останати амандмани коишто ги предложи СДСМ да ги повлечат и да нема расправа, бидејќи како што кажа, СДСМ смета дека нема поважна тема од оваа во моментот во Македонија.

„Достоинствено до крај разговаравме и ги повикувавме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство, заедно со пратениците од ЗНАМ и од ВЛЕН да овозможат и заеднички консензуално да го усвоиме амандманот и да покажеме дека знаеме да го цениме приоритетот на граѓаните, да покажеме единство, да покажеме солидарност, нешто што е потребно овие мигови за државата, но напротив претставникот на владата делеше лекции како парламентот не смеел да разговара или да отвора вакви теми“, рече Спасоски.

За амандманот на СДСМ не гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Навистина не ми е јасно како е можно народните претставници овде како пратеници во законодавниот дом, за работа за којашто се најповикани, а тоа е да покажат дека институциите, секогаш и во најтешките моменти, се тука за било кој граѓанин, а посебно за една ваква трагедија, која што ја зафати државата во претходниот период и од тоа сметам дека мораше сите ние да покажеме малку поголемо чувство на одговорност“, нагласи Спасовски.

При тоа, Спасовски упати апел до Владата и до владеачките партии при креирањето на новиот Буџет за 2026 година, да предвидат финансиски средства коишто би биле доволни за финансиска поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во Кочани.

„Нема поважна тема од оваа во моментот во Македонија, нема поважно нешто од 62 млади изгубени животи и од 250 повредени, нема поважно од иднината на еден град, од иднината на истокот на Македонија и ако сакате и од иднината на Македонија“, порача пратеникот Спасовски.