Патни исправи имаме променето веќе околу 1.000.000, над 800.000 лични карти и други лични документи. Со ваква динамика, со несмалено темпо на работа, во две смени, работа за време на викенд итн. ќе направиме се за да успееме да постигнеме да се заврши целиот процес во најдобар можен ред. Ова синоќа го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Вести Плус“ на Канал 5.

Според него, нормално е во летните месеци секогаш да има зголемување на бројот на граѓани кои бараат патни исправи заради патувањата кои ги имаат меѓутоа, како што рече, целиот капацитет ќе биде ставен во функција.

На новинарско прашање дали ќе се реновира објектот на МТВ во делот на Управните служби, Спасовски рече дека сите објекти или 81 во државата, се објекти кај кои била согледана состојбата и имало потреба од реновирање. Истакна дека има средства во буџетот, веќе е избран изведувач на работите и може во секој момент да се почне со градба.  – Ако сега во најголемите гужви започнеме со реконструкција на тој објект веднаш ќе има реакција зошто сега се почнува. Така што ќе одбереме момент кога ќе почнеме, заклучи министерот Спасовски.