Во интервју за порталот БРИФ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање дали со придобивките од новиот Општ колективен договор се опфатени и полициските службеници, рече:
„Секако дека вработените во МВР се опфатени со овој нов договор кој важи за целиот јавен сектор и ќе ги ползуваат придобивките од него. Ние сме во постојана комуникација со синдикатите, разговараме отворено за сите прашања и се согласивме дека платите на полициските службеници треба да се зголемат”, беше категоричен Спасовски.
Притоа, Спасовски потсети неколкукратното зголемување на платите во МВР, откако го презема раководењето со институцијата: „Тоа е така од моментот кога го преземав раководењето на МВР, бидејќи за цел овој период до денеска платите се зголемени за 25% на сите вработени. Воедно, сите бонус плати навремено се исплаќаат, а до 2016 не биле исплаќани, па вработените морале по судски постапки да ги наплаќаат. За одредени сегменти во МВР, таму каде што почувствувавме дека има потреба луѓето да бидат уште повеќе мотивирани, како што се Одделот за информатика и телекомуникации, Дигитална форензика, ИПА Одделението… тие што носат навистина можности за нови фондови – нивните плати во 2020 година беа зголемени дури за 30% за да го задржиме кадарот и дополнително да го мотивираме”.
„Со новиот Колективен договор што го споменавте, предвидено е ново зголемување на платите во јавниот сектор, во кој што спаѓа и македонската полиција, така што од септември месец ќе имаме ново зголемување за 10%, за МВР второ во оваа година, и уште низа други придобивки кои значат подобрување на социјалниот статус на полицијата. Накусо, ги користиме сите можни алатки кои ни стојат на располагање, сѐ во интерес на вработените”, подвлече Спасовски.