Советот на Скопскиот Плански Регион донесе одлука да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комуналната хигиена. Градоначалниците апелираат Град Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот, како и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.

Тие ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска веднаш да најде решение за проблемот и да не го остава градот блокиран. Побараа и „Дрисла“ да ги отвори рампите за да може нивната механизација да продолжи да работи. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, рече дека тие немаат големи камиони за да го подигнат отпадот од контејнерите од булеварите, но дека со таа механизација што располагаат, ќе го сработат она што може.

Градоначалникот на Аеродром пак, Тимчо Муцунски зборуваше за проблемот ЈП Дрисла што не дозволи да се одложи сметот собран синоќа.

„Да престане политиката во овој случај. Не може Јавно претпријатие да не дозволи да го одложиме сметот. Каде да го одложиме тогаш? Не е ова политика. Не може Штип, Велес, Кавадарци да доаѓаат и да ни го чистат ѓубрето“, изјави Муцунски