Годишната стапка на инфлација во вториот квартал од годинава забавува, се посочува во кварталниот извештај што го усвои Советот на Народната банка.

– Во однос на остварувањата, растот на домашната економска активност забрза, малку посилно од очекувањата според последните проекции, а најновите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2023 година упатуваат на натамошен раст на економската активност во вториот квартал од годината, но поумерен. Годишната стапка на инфлација дополнително забави и на крајот на вториот квартал изнесуваше 9,3 проценти, што е во согласност со априлската проекција, се наведува во извештајот.

Надворешната позиција на економијата, оценува Народната банка, се подобрува, поради што девизните резерви се одржуваат во сигурната зона.

Поволни придвижувања има и кај монетарните податоци. Годишниот раст на депозитите и натаму забрзува и остварувањата се подобри од очекувањата според априлската проекција. Банките обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но растот е поумерен и малку подобар од очекувањата.

– И покрај остварувањата, ризиците за економските изгледи сѐ уште постојат и произлегуваат од развојот на војната во Украина, геополитичките тензии во глобални рамки, силината на затегнувањето на финансиските услови, како и од евентуалните понатамошни превирања во финансискиот сектор. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, се наведува во извештајот.

На седницата на Советот усвоена е и Годишната информација за плаќањата во земјава во 2022 година. Според податоците, во овој период евидентирани се 195 милиони платежни трансакции, што е годишен раст од 6,8 проценти, што речиси во целост произлегува од засилениот раст на бројот на трансакции со платежни картички за 13,1 порценти.

– Со тоа, нивното учество во вкупниот број безготовински трансакции достигна значителни 62,1 проценти, при истовремено зголемување и на вредноста на овие трансакции за 18,7 проценти, се вели во кварталниот извештај.