Во Тирана денеска заврши дводневната регионална конференција на тема „Процес на патоказ: Патот напред“, на која учествуваа генерални секретари и пратеници од парламентарните комисии за европски прашања на шесте земји на Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и меѓународни експерти од областа на европската интеграција.
Истата е активност во рамките на тригодишниот проект „Промоција на европската интеграција“ на Германското здружение за меѓународна соработка (ГИЗ), во чии рамки се организирани бројни активности на ниво на Парламентарната мрежа на комисиите за европски прашања на Парламентите на Западен Балкан.
Основната цел на конференцијата беше да се овозможи размена на искуства и најдобри практики со цел зајакнување на улогата на парламентите во процесот на европска интеграција.
Во име на Собранието на Република Северна Македонија на конференцијата учествуваа Миле Лефков, член на Комисијата за европски прашања и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието.
Димовска ја истакна важноста на иницијативата, оценувајќи дека тесната соработка меѓу парламентите во регионот е суштинска за постигнување успешен напредок во процесот на европска интеграција.
– Верувам дека размената на знаење и искуства меѓу парламентите ќе биде од клучна важност за унапредување на реформските процеси, но и за поттикнување на заедничките напори кон европската иднина, во што важна е улогата на Парламентот и службите во овој процес, изјави Димовска.
Лефков нагласи дека активната поддршка на европската интеграција од страна на пратениците од Западен Балкан е од клучно значење за напредокот на регионот. Тој подвлече дека конструктивната соработка помеѓу парламентите е неопходна за постигнување на овие цели.
Фокусот на неговото обраќање беше работата на Комисијата за европски прашања, хармонизацијата на националното законодавство со acquis, како и предизвиците при процесот на европска интеграција.
Целта на конференцијата беше да обезбеди платформа за регионална размена за тоа како да се зајакне улогата на парламентите на Западен Балкан во процесот на интеграција во ЕУ, врз основа на заеднички регионален документ за принципите на ефективен парламентарен надзор на овој процес.
На конференцијата од страна на учесниците беше постигнат консензус околу важноста на ефикасниот парламентарен надзор како клучен фактор за успешна интеграција во ЕУ. Во суштина, развиените принципи за ефективен парламентарен надзор, содржејќи принципи и индикатори распределени во клучни области, ќе служи како водич за парламентите од Западен Балкан. Но, исто така ќе помогне во унапредувањето на механизмите за парламентарен надзор, вклучувајќи ја законодавната функција, надзор на процесот на пристапување, парламентарна дипломатија и административни капацитети.