Две години по промовирањето од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, листата на носители на МКАРТА се проширува со вкупно 68 претставници на дијаспората по потекло од Република Северна Македонија, соопштија денеска од Министерството за надворешни работи.
Министерството во мај оваа година упати јавен повик за пренесување на интересот за вклучување во проектот МКАРТА до целата дијаспората, а меѓу новите имиња вклучени во проектот има научници и истражувачи, универзитетски професори, аналитичари во различни области, лекари-специјалисти, директори на врвни клиники, уметници, бизнисмени и многу други.
Носителите на МКАРТА добиваат можноста за користење „брзa лента“ на аеродромите во Скопје и Охрид кога влегуваат во земјава.
При презентирањето на проектот од МНР посочија дека во соработка со другите институции, ќе се работи и на дефинирање на симболични поволности, како што е слободен влез на културни настани, музеи и галерии, заедно со „брзата лента“ на аеродромите.
Проектот МКАРТА, како што велат од МНР, е замислен како мрежа на истакнати поединци на дијаспората во странство, кои со својот ангажман и континуирани напори дале значаен придонес во унапредувањето на пријателството, партнерството и блиската соработка помеѓу Северна Македонија и новите средини во кои живеат, дале придонес во унапредувањето на односот и соработката на нашата држава со дијаспората, како и покажале исклучителен успех на професионален план.