Со благослов од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, жителите на општина Кисела Вода ќе добијат црква во близина на објектот на општината. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и г.г. Стефан денеска ја посетија малата црква во која со донации од добронамерни луѓе, интензивно се работи на фрескоживописот и околу која ќе има уреден парк. Ја посетија и црквата ,,Св. Петка” која следната година одбележува еден век постоење и каде ќе биде извршено партерно уредување и санација на самата црква.

-Денеска е голем за жителите на Кисела Вода! На моја огромна чест и задоволство, заедно со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан извршивме обиколка на црквичката која се наоѓа во непосредна близина на општината и каде што, по долги години, конечно добивме благослов ова долгогодишно барање на жителите, да имаат своја црква, станува реалност, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Информира дека во овој момент се работи на фрескоживописот во самата црква, кој се изработува со донации од верниците и луѓето со добра волја, а околу храмот ќе има убав парк во кој верниците ќе можат да го поминат своето слободно време и, како што посочи, да бидат поблиску до Бога.

– Ја посетивме и црквата „Св. Петка” која следната година слави првиот век постоење и каде што, со Божја помош и промисла ќе извршиме партерно уредување и санација на самата црква. Црквата е наш дом, наше тивко засолниште, таа е училиште на верата и моралниот живот и токму затоа мора да ја почитуваме и сите заедно да придонесуваме, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.