Во врска со актуелните случувања и статусот со исплатата на плати за вработените во пералната која е дел од Клинички центар „Мајка Тереза“ -Скопје, а пред сѐ имајќи ја предвид сериозноста на овој сегмент, денес е исплатен дел од старите плати на вработените во пералната, соопштија од „СкопСтер“, компанија која управува со пералната од минатата година.
Дополнително, велат од таму, интензивно работиме на краткорочни мерки за обезбедување финансии и исплата на заостанатите плати.
„Во таа смисла, ги земаме предвид и обврските од Службата за Општи и Заеднички Работи (СОЗР) и веруваме дека како и во овој случај, со заеднички сили ќе изнајдеме решение со кое вработените ќе добиваат плати навремено. Дополнително, веруваме дека СОЗР исто така ќе има разбирање и навремено ќе ги реализира преостанатите обврски за 2024 година, како и тековните“, се наведува во соопштението.
Од компанијата велат дека јавно им се заблагодаруваат на сите вработени за разбирањето и потенцираат дека како компанија која управува со пералната, во рамки на долгорочната стратегија имаат готов проект за целосно реновирање и инсталирање нова опрема, со што сметаат дека ќе придонесат за унапредување на нивната работна средина и подобрување на здравствените услуги од овој домен.
Некои медиуми објавија дека вработените во пералната не примиле плата од декември минатата година.