Кривична пријава доколку не се постапува и барање за расформирање на ЈП Комунална хигиена и предавање на ингеренциите и механизацијата на општините, најавија скопските градоначалници по денешната итна седницата на Скопскиот плански регион.
Кривичната пријава за загрозување на здравјето на граѓаните против градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како што најавија, ќе ја поднесат доколку депонијата на ЈП „Дрисла“ не ги отвори рампите и се пуштат камионите со кои општините сами го собираат отпадот по протестот на вработените во „ЈП „Комунална хигиена“ во Скопје.
Градоначалниците на денешната седница во врска со комуналната хигиена во рамките на Град Скопје, одлучија да побараат извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комунална хигиена, како и препорака со која се бара Градот Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека ставот за расформирање на „Комунална хигиена“ и предавање на ингеренциите и механизацијата на општините е заеднички.
– А тоа беше и согласување од страна на градоначалничката пред неколку месеци која што истото го изнесе на еден од состаноците како став дека треба Комунална хигиена да се расформира и да ни се предадат надлежностите нам. Ние сметаме дека со многу помалку ресурси за она што го плаќаат граѓаните ќе овозможиме многу поквалитетна услуга од оваа услуга која што ја нема денеска, рече тој.
Ѓорѓиевски го негираше соопштението на „Дрисла“ дека на Општина Кисела Вода договорот им е истечен во март годинава, тврдејќи дека поседуваат финансиска картица за фактури кои што, како што рече „ни стигнува месеци наназад од „Дрисла“ и се уредно платени“.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изјави дека при консултациите со останатите градоначалници увиделе дека немаа капацитет како општина, а ниту финансиски ресурси колку што има Градот Скопје, за да го решат ова.
– И притоа кога се понудивме малку колку што можеме да помогнеме за да не почне да се разболуваат и животинчиња коишто ги имаме во градот, да не почнат да се разболуваат граѓаните и нашите деца, ни велат е тоа ѓубре вие што сте го собрале не може тука да го донесете. А каде да го донесеме? Сопственост на некое семејство е Јавното претпријатие „Дрисла“? Приватен објект е? Јавно е ваше, наше, на сите вас претпријатие, рече тој.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, исто така, посочи дека проблемот е заеднички и не треба да се политизира.
– Станува збор за граѓаните и за нивното здравје и треба што поскоро да се најде решение. Решението е што побрзо да се изменаџира ситуацијата во градот заедно со комуналното претпријатие и нивните вработени. Додека они не го решат тоа нашето првично барање е да рампите во „Дрисла“ се дигнат за да ние можеме да функционираме како општини, рече тој.
Герасимовски информираше дека утрово имал телефонски разговор со директорот на „Дрисла“ при што тој му одговорил дека ќе се направи договор и дека во текот на денот ќе го имаат.
– Нашите луѓе отидоа уште утрово да чекаат за да го подигнат истиот и да се потпише и од наша страна за да може да ги примат нашите камиони и се истовара сметот, дополни тој.
Барањето на градоначалниците е додека не се најде решение да се отстрани целосното ѓубре, итно да се кренат рампите за нивната механизација да продолжи со работа.
– Не можеме целосно да отстраниме се поради тоа што немаме механизација за оние поголеми контејнери коишто се на тротоарите и подземните контејнери, но имаме доволно механизација да го отстраниме цело ѓубре што е покрај контејнерите, но и покрај оние помали контејнери каде што имаме механизација за подигнување на истите, рече Герасимовски.
На седницата беше донесен и заклучок со кој Скопскиот плански регион бара од страна на Владата, доколку проблемот не може да се реши на ниво на Градот, да се вклучи во негово решавање.
На итната седницата на Скопскиот плански регион не присуствуваше градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалниците Стевчо Јакимовски – Општина Карпош, Коста Маневски – Општина Зелениково, Сашко Комненовиќ – Општина Чучер Сандево, Блерим Беџети – Општина Сарај и Висар Ганиу – Општина Чаир.
Состанокот на Скопскиот плански регион се одржа по состојбата со која главниот град е затрупан во смет поради протест на вработените во Јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, кои бараат повисока плата и враќање на отпуштените работници. За 13 часот деенска во Град Скопје закажана прес-конференција на директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева Николиќ.