Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете родено 2008 година, со што сторил кривично дело согласно член 186 став 7 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Во раните утрински часови денеска, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничениот во парк во една населба го сретнал малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира.
– Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција, соопштија од ЈО.
Со цел обезбедување на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.
Судијата на претходна постапка попладнево ги прифатил предложените мерки.