Државниот завод за статистика електронски ќе ги презема податоците за надворешна трговија од Царинската управа. Ова е утврдено со Меморандумот за соработка, што беше потпишан од страна на директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
-Преземањето на податоците од Царинската управа преку веб-сервиси е особено важно за обезбедување навременост и заштита на податоците како и понатамошно хармонизирање, модернизирање и унапредување на системите, истакна Станков.
Директорот Станков, на денешното потпишување на Меморандумот, потенцираше дека институцијата вложува напори за дигитализација на процесите и зголемено користење на административните извори при продукција на официјалните статистички податоци, информира ДЗС.
Меморандумот е во насока на унапредување на меѓуинституционалната соработка преку размена на податоци и повисок степен на дигитализација.
– Царинската управа е посветена на процесот на унапредување на меѓуинституционалната соработка, што крајно треба да ни овозможи креирање одржлив економски раст. Ваквиот чекор е само дел од нашите заложби за заедничко делување во насока на подобрување на условите за водење бизнис. Сетовите на податоци што ги обезбедуваме во делот на надворешно трговската размена овозможуваат компаниите да направат истражување на пазарот и дефинирање на нивните стратегии, за економски студии, но и за унапредување на трговските политики на државно ниво, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
И двете страни, се посочува во соопштението, ја искажаа својата заложба за натамошно продлабочување на соработката, а потпишувањето на Меморандумот ги зајакнува и унапредува веќе воспоставените практики на размена на информации и податоци.