Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе разговара за предлогот за привремено примирје во Либан и Газа на средбите кои ќе ги одржи на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН, изјави денеска израелски официјален претставник за Си-Ен-Ен.
Иако Нетанјаху ги отфрли сугестиите дека примирјето е неизбежно и наместо тоа најави дека израелската војска ќе продолжи да се бори со полна сила, како што соопшти неговиот кабинет, изворот вели дека израелскиот лидер не ги негирал извештаите дека САД вршат притисок за тринеделно примирје.
Планот за примирје, предложен од САД и нејзините сојузници, е обид да се спречи поширока војна во регионот.
Деталите за планот не се откриени, но се знае дека САД и сојузниците вршат притисок за прекин на огнот кој би овозможил пауза во борбите за три недели и простор за дипломатија.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека планот е поддржан од САД, Австралија, Канада, ЕУ, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар.