На покана на Генералниот секретар на Интерпарламентарното Собрание на Православието (ИПС на Православието), шефот на Делегацијата на Собранието во ИПС на Православието, пратеникот Миле Талевски, вчера присуствуваше на состанокот со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во Истанбул.
На средбата, информираат од Собранието, се разговараше за предизвиците со кои се соочува денешнината, споменувајќи ја агресијата на Русија врз Украина, конфликт кој покрај тоа што има силно геополитичко влијание, претставува конфликт меѓу два народа со православна вероисповед. Беше нагласена потребата да се промовира заедништвото, толеранцијата и соживотот, бидејќи поделбите не прават послаби и го уназадуваат човештвото.
Се разговараше и за одбележувањето на 1700 години од одржувањето на Првиот Вселенски собор одржан во Никеја, денешен Изник, Туркије. Првиот вселенски собор се одржал во 325 година, бил свикан од Светиот цар Константин Велики и е првиот Вселенски собор на Христијанската Црква.
Состанокот со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј се одржува во соработка со координативниот Комитет од Иницијативата „Велигден Заедно 2025“, каде што членува и ИПС на Православието. На средбата, пред Вселенскиот Патријарх Вартоломеј беше претставен и новиот претседател на Генералното Собрание на ИПС на Православието Јоан Вулпеску, кој е пратеник во Парламентот на Романија. Дел од Делегацијата на ИПС на Православието беа и пратеници од парламентите на Грција, Кипар и Србија кои исто така се дел од ИПС на Православието.
На состанокот му претходеше литургија за празникот на Воздвижение на Светиот крст во црквата „Свети Георгиј Победоносец“, во Фанар, Истанбул која ја служеше Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.