Има книги и оваа учебна година е поразлична од другите од најголемиот дел од учебниците беа доставени во септември. Имаме доставено над 1.6 милиони учебници вклучително и оние за стручно средно образование а сите се според новата програма. Сега недостасуваат книги само по одредени предмети, а причините за тоа не се во МОН. Недостасува учебник по историја и општество, но за нив од БРО се подготвени материјали за учење, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири во СТУДИО 10 на ТВ 24.

– Доставувањето на барања за учебници училиштата е во март, но поради одредени проблеми како што се лоши проценки за бројот на ученици или движење на учениците, се случува барањата да ги доставуваат коригирани подоцна, вели Шаќири и додава дека кога барањата се навремени и доставувањето е навремено.

Шаќири најавува дека веќе има конкурси за пишување учебници за следната година, како и повик за рецензенти кои оценуваат дали учебникот се совпаѓа со наставната програма. Токму во делот на рецензентите МОН има најмногу проблеми оти или не се јавуваат или се откажуваат.

– За мене нема ништо спорно во учебниците по историја. По онаа јавна дискусија за содржинските грешки во дел од учебниците интересот на рецензентите е никаков, вели Шаќири. Тој додава дека авторските тимови сега се составени од еминентни професори, но нема рецензенти кои треба да ги поминат.