Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испратил писма до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави, загрижен за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што вели, ги загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во државата

Даниел Сервер, експерт за Балканот од Универзитетот „Џон Хопкинс“, информира дека го добил писмото од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, чија цел, како што и самиот наведува, е да генерира акција од САД и ЕУ. Сепак, Сервер нагласува дека за проблемите што Ахмети ги нотира во писмото треба да одлучат граѓаните на Македонија, jавува 360 степени.

Во врска со Законот за употреба на јазиците, Сервер нагласува дека нема дилеми за прашањето за јазикот и дека Охридскиот договор е кристално јасен по ова прашање. Имено, Ахмети во писмото предупредува дека Уставниот суд планира да ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како службен јазик според амандманот 5 на Уставот и забележува дека тоа претставува сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.

„Тој бара секој јазик што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението да биде исто така официјален заедно со македонскиот. Не гледам како ја доведувате таа обврска во прашање без да создадете повеќе проблеми отколку што веќе има Северна Македонија. Тоа беше важен дел од мировната спогодба од 2001 година. Важно е да се одржува“,
подвлекува Сервер.

Што се однесува до прашањето во врска со укинувањето на „балансерот“, односно забраната на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции, што според Ахмети го крши принципот на колективни права на етничките заедници и задира во сржта на Охридскиот договор, Сервер посочува дека претпочита систем што не препознава бои, односно систем заснован на заслуги. Сепак, нагласува тој, непрецизирањето на етничката идентификација на владините службеници нема да ги спречи вработувањата во владата по етничка линија.

„Имињата ви кажуваат кој е Албанец, а кој Македонец. Се сомневам дека намерата на овој предлог е да продолжи сегашната доминација на Македонците на високи владини позиции. Лажирањето далтонизам нема да функционира. Македонија треба да ги диверзифицира вработените во јавниот сектор за поцелосно да ја рефлектира различноста на населението. Јас не сум љубител на квоти. Но, афирмативната акција со приоритет даден на квалификациите е процес што може да даде разумни резултати. Многу Албанци имаат квалификација што им недостига на повеќето Македонци: ги зборуваат двата јазика. Владата треба да го земе тоа предвид при вработувањата“,
вели Сервер.

Што се однесува до третото прашање што Ахмети го посочува писмото, принципот на правична застапеност во Владата, Сервер наведува дека тоа не е целосно прецизирано и нагласува дека е повеќе политичка поплака отколку правна или уставна забелешка.

„Претпоставувам дека се однесува на позициите дадени на етничките Албанци во актуелната влада. Тоа е повеќе политичка поплака отколку правна или уставна. Една од главните забелешки од македонска страна за претходната власт беше надмоќта на Албанците на клучните позиции. Победниците на последните избори се обидоа да го ослабат албанското присуство бидејќи победија на изборите. Албанските ривали на ДУИ преговараа за сегашниот коалициски договор. Ако тоа го направиле лошо, тоа е прашање за следните избори. Американските и европските дипломати тоа може да му го посочат на премиерот, но тоа всушност не е меѓународно прашање“,
вели Сервер во својот одговор на писмото на Ахмети и додава дека неговото мислење не прави разлика, односно за прашањата што ги отвора Ахмети треба да одлучат граѓаните на Македонија.

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испрати писма до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави, загрижен за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што вели, ги загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во државата.

Ахмети, како што се наведува во соопштението од ДУИ, истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на клучните одредби на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето политичко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и регионот во целина.

Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија.