Службата за заеднички и општи работи денеска започна да ја поставува претходно отстранетата ограда пред објектот на Владата.
Директорот на Службата Ивица Томовски објасни дека оградата се враќа пред зградата согласно задолжението добиено од Владата. Во изминатите денови, како што објави Томовски на својот профил на Фејсбук, оградата била репарирана поради неадекватното чување и денеска се поставува.
-Досега се користеше старата и дотраена железна ограда во сопственост на МВР која е нерепрезентативна и нефункционална. Вратите на Владата остануваат отворени за граѓаните, а оградата наместо да скапува на складиште ја добива својата функција, посочи Томовски.
Оградата пред објектот на Владата беше поставена во времето кога премиер беше Никола Груевски, а неговиот наследник поранешниот премиер Зоран Заев побара таа да биде тргната.