Пожарот што избувна пред четири дена на планината
Огражден, над селото Бадилен, на територија на општина Ново Село, на границата со
Бугарија, се уште е активен и покрај напорите за негово гаснење од воздух и земја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за попладнево најавија дека авионите за гаснење пожари „Ер трактори“ треба се упатат кон пожарот на планината Огражден.
– Се очекува по повлекувањето на двата авиона на Дирекцијата за заштита и
спасување (ДЗС) од планината Серта, заради исполнети 3,5 часа активно летање и дејство, по двочасовна пауза за полнење гориво, но и мини технички преглед, да се упатат за гаснење на пожарот на Огражден, во Општина Ново Село. Во текот на денешниот ден се дејствува и со пожарникари и други сили, но ограничено, поради тешко пристапниот терен, информираа од ЦУК за МИА.
Вчера и завчера пожарот го гаснеа хеликоптери на МВР и АРМ, заедно со 10
пожарникари од ТППЕ Струмица, членови на Ловното друштво „Елен“ од Ново Село и
локалното население.
Според информации од ТППЕ Струмица, пожарот зафатил околу 20 хектари нискостеблеста дабова и борова шума.
Пожарот засега се контролира од бугарската страна на границата, каде теренот е
попристапен. Таму може да се движи теренско противпожарно возило.