СДСМ заедно со партиите од коалицијата иницираат Манифест за преговорите со ЕУ, документ преку кој ќе се обединат сите политички партии околу евроинтегративниот процес.

-СДСМ како државотворна партија е предводник на концептот за европска иднина. Во оваа насока СДСМ, заедно со политичките партии од коалицијата  дава силна поддршка на Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ. Овој Манифест е на линија на политиките на СДСМ, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ.Затоа, време  е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ.

Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности.Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.

Визијата за европска држава, рамо до рамо со големите државотворни европски народи е нашата голема идеја и дел од нашето државничко делување во изминатите години. Процесот за стабилизација и асоцијација стапи на сила 2004 година, во време на СДСМ а го потпишавме како прва земја од регионот. Во март 2004 та година токму Владата предводена од СДСМ го поднесе барањето за членство во ЕУ а само една година потоа се стекнавме со кандидатски статус.

По цели 17 години во чекалната и загубена деценија со ДПМНЕ, минатата година Владата предводена од СДСМ ги започна преговорите за членство во ЕУ. Се одржа и првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година во Брисел.Тоа беше потврда за политиките на СДСМ но и за спроведените реформи, за политичката волја и за визијата за иднината на земјата како европска.Заклучоците на Собранието кон Информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија беа иницирани и донесени од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ.
Сето тоа го постигнавме заедно со демократските сили и граѓаните и заедно со демократските сили и граѓаните ќе го оствариме и членството во ЕУ.

Затоа, во Манифестот е јасно наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија.
Исклучително важно за македонскиот народ, започнавме преговори со Унијата со заштитен и признаен македонски јазик и идентитет.Резолуциите на големите и пријателски држави за признавање и потврда на македонскиот јазик, идентитет и посебност дополнително говори за нашата посветеност и современ патриотизам. Пред нашата татковина и пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ. Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето овој Манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување. Како што покажавме обединетост и во 2018 година го обезбедивме членството во НАТО, сега повторно да се обединиме и да обезбедиме членство во ЕУ, стои во соопштението на СДСМ.

За Манифестот извести и ДУИ, порачувајќи дека е време за обединување на политичките партии.

– ДУИ смета дека е време за обединување политички партии, неполитички субјекти и невладини организации преку овој важен чекор на потпишување на заеднички манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно и квалитетно водење на преговорите за пристапување во ЕУ.Во манифестот повикуваме на прифатените заеднички европски вредности кои произлегуваат од Копенхашките критериуми, Процесот за стабилизација и асоцијација, преговарачката рамка, а сè со цел што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во ЕУ.

Оттука, во манифестот се наведуваат повеќе аргументи кои се од витално значење за целото општество, а преку кои тие се обврзуваме пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, притоа заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.

Со предлог манифестот, изјавуваме дека ќе се залагаме  за реализација на сите обврски кои произлегуваат од политичките критериуми за членство во ЕУ, меѓу другото и околу унапредување на добрососедските односи, заштитата на основните човекови права, правата на заедниците, но и усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ со фокус на владеење на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на демократските институции.

За ова, како што се вели во манифестот, политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија.

„Ја нагласуваме и важноста од активна улога на сите граѓани на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Граѓаните на Северна Македонија ќе одлучат за пристапувањето во ЕУ преку референдум кој ќе се одржи пред потпишувањето на Договорот за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, односно по завршувањето на преговорите“, изјавуваат лидерите во Манифестот.

Исто така, се задолжува Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на заедниците, како елементи за кои не се преговара со Европската унија, наведувајќи дека Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка.

На крајот, се заклучуваа дека Собранието треба да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки, а Владата и сите надлежни органи за надворешна политика да постапуваат во рамките на позициите утврдени со Манифестот, стои во соопштението на ДУИ.

Иницијатори на Манифестот се долупотпишаните политички партии: Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската Унија за Интеграција, (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА), Либерално-демократска партија (ЛДП),Нова социјал-демократска партија (НСДП),Демократска Партија на Албанците (ДПА), Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ВМРО- Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП), Партија на Србите.

Манифестот останува отворен за широка општествена подршка