Мојот мандат е да ѝ помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи опипливи чекори на патот кон нашата заедничка и непоколеблива определба за членство во Европската Унија, изјави амбасадорот на Европската Унија во државава Михалис Рокас, кој денеска ги предаде акредитивните писма на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Рокас изјавил дека му претставува чест што е во Северна Македонија како претставник на Европската Унија.
-Во текот на својот мандат тој вети дека ќе соработува со институциите, политичките чинители и сите актери и општествени сектори ширум земјата. Претседателката и Евроамбасадорот Рокас разменија мислења за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, напредокот што земјата го остварила, можностите за земјата во рамките на Планот за раст, како и за идните реформи и претстојни предизвици. Амбасадорот Рокас ја изрази својата решеност да го поддржи процесот на реформи кои позитивно ќе се одразат врз животот на сите граѓани, стои во соопштението.
За средбата претходно информираше Кабинетот на претседателката, која, како што стои во соопштението, во поздравното обраќање на церемонијата на предавање на акредитивните писма, порачала дека и по повеќе од три децении од нашето осамостојување, стремежот за полноправно членство во Европската Унија продолжува да биде важен општествен двигател и значаен фактор на кохезија за огромното мнозинство македонски граѓани.
Според неа, приклучувањето кон Европската Унија претставува наша цврста стратешка определба и генерациска цел за чие остварување макотрпно работеле и продолжуваат да работат десетици наши државни лидери, политички претставници, членови на граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и уште многу повеќе наши дипломати и државни службеници.
Таа додала дека како земја на пријателство и соживот, нашата држава ги почитува различностите и ги вреднува соседите и преку своето делување, активно ги промовира европските вредности во регионот и пошироко. Изразила уверување дека со поддршка од ЕУ, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција, со забрзано темпо и без никакви пречки.
-Низ годините, донесовме храбри и многу тешки одлуки во интерес на иднината на нашите граѓани и на државата. Направивме многу за да се доближиме до потребните европски стандарди, да преземеме значаен дел од законодавството на ЕУ и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети. Притоа, останавме докажан партнер од доверба за Унијата, како од аспект на реформите, така и преку нашиот придонес во справувањето со многуте заеднички предизвици, истакнала претседателката во поздравното обраќање.
Амбасадорот Рокас вчера му врачи копија од акредитивните писма и на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Муцунски му посака добредојде на амбасадорот Рокас, истакнувајќи дека неговата мисија започнува во клучен момент за европската иднина на земјата и изрази убеденост дека со силна заемна посветеност ќе се постигне значаен напредок кон зајакнување на партнерството и постигнување членство во ЕУ.