„Отсекогаш сум велел дека решението за т.н. македонско прашање, нешто за што речиси два века се зборува во дипломатијата и европските политики и го пишува во учебниците по историја, дури и Бизмарк зборувал дека клучот за стабилноста на Балканот лежи во решавањето на македонското прашање. Вие, заедно со сите нас кои ја поддржуваат земјава, го имате решението за македонското прашање, а тоа е оваа земја во нејзините граници, демократска, мултиетничка, со добри односи со соседите и целосно интегрирана во евроатланските структури – НАТО и ЕУ“ рече дипломатот Филип Рикер во интервју за „360 степени“ на МТВ.

Тој додаде дека тоа е патот, кој можеби честопати е тежок, разочарувачки, фрустрирачки и можеби изгледа нефер, но е најдобриот пат.

„Не можам да замислам земјата да напредува без да продолжи кон зачленување во ЕУ и мислам дека тоа ќе се случи. По приемот во НАТО и по решавањето на прашањето на името преку склучувањето на Преспанскиот договор, бев многу задоволен и си реков, сега ЕУ е наредниот чекор“ рече Рикер.

Поранешниот амбасадор додаде дека американската позиција е да се поддржи евроатлантската интеграција, вклучувајќи го и членството на Северна Македонија во ЕУ.

„Мислам дека тоа ќе се случи, но треба да останете на патот. Се обидувам да бидам во контакт со луѓе во ЕУ, каде што постои голема поддршка и не мислам дека граѓаните треба да се обесхрабруваат – ако се фокусирате на целта, ќе стигнете таму и ќе завршите нешто што е многу важно за иднината на земјата. Очекувам тоа да го видам во годините што претстојат“ рече Рикер.