Работници на „Еуроникел“со мирен протест  го блокираа патот Градско – Прилеп, кај мотел Дреново. Во 12:30 часот поради протест блокиран е патот Прилеп – Градско во двата правци, информираа од АМСМ. Се пропуштаат итни случаи.

Миле  Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот, изјави дека на ваков чекор се одлучиле поради лошата состојба во која се наоѓаат околу 800 работници.

– Сакаме Владата и банката доверител да го слушнат нашиот глас. Владата да ни го поврати ДДВ за август месец, за да можеме да земеме плата и да бидеме здравствено осигурани, рече тој.

Ѓорѓиев потсети дека веќе извесен период трае агонијата на вработените, неизвесноста околу иднината на гигантот, додека се чека нов инвеститор и додека не се знае што планираат странските газди на поранешно „Фени”.

– Немаме пари за храна, сметки,  егзистенција, луѓе треба да одат на операции и слично, повтори претседателот на синдикалната организација.

Вработените во ,,Еуроникел” неколку пати протестираа пред фабриката, а во четвртокот и петокот по три часа го блокираа патот Кавадарци – Дреново пред комбинатот.