Групата незадоволни пензионери од Делчево денес го реализираа најавениот протест на кој уште еднаш ги повтори барањата за линеарно покачување на пензијата од 5000 денари и утврдување на сумата од 20 илјади денари како минимална пензија.

За таа цел денес беше одржан протестен марш со 30 минутна блокада на собраќајницата во центарот на Делчево.

-Поради причини познати на јавноста ние и овојпат, со мирен протест, ги повторуваме нашите барања за линеарно зголемување и зголемување на минималната пензија. Пензионерите со својот труд ја имаат изградено овој град и оваа држава и заслужуваат подоинствен живот, а не да не можат да ги платат своите лекарства и да бидат принудени, наместо да даваат на своите деца, земаат од нив за лекарства, истакна Васил Маневски од иницијативниот одбор на групата незадоволни пензионери.

Најави дека протестите ќе бидат радикализирани доколку не им се излезе во пресрет на нивните барања.

-На овој начин ја изразуваме солидарноста со пензионерите од целата држава. Во знак на тоа, сакаме со оваа блокада да укажеме дека не се помируваме со состојбите и, така сега формираме група која на централниот митинг ќе одиме пред странските амбасади да го запознаеме дипломатскиот кор за состојбата на пензионерите, за да тие разговараат со властите да се поведе ред за достоинствен живот на пензионерите, додаде Маневски.

Последното покачување на пензиите од иницијативниот одбор сметаат дека е исмевање, а не задоволување на нивните барања и поради тоа посочија дека не отстапуваат од бараните 5.000 денари, како линеарно покачување на пензиите, напоменувајки ја високата цена на лековите и фармацевтските поризводи, кои според нив се се поскапи и, подвлекувајки дека 20 илјади денари е основица за минимална пензија која според нив е доволна за пристоен живот.