Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе го пречека и ќе биде домаќин на Еди Рама, претседател на Владата на Албанија, кој е во официјална посета на државава.

Ковачевски ќе го пречека Рама пред платото на Владата со највисоки државни почести.

Во рамки на работната посета, предвидена е тет-а-тет средба меѓу премиерите Ковачевски и Рама. Потоа, ќе се одржи и билатерална средба на која покрај премиерите ќе присуствуваат и владини делегации од двете земји.

Во состав на делегацијата предводена од премиерот Рама се Нико Пелеши, министер за одбрана, Мајлинда Дука, државен министер и главен преговарач на Албанија, како и заменик-генерален секретар, Елира Кокона.

Во состав на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, како и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

По средбата во Владата, двајцата премиери ќе одржат прес-конференција.

За време на посетата на Скопје, Рама се очекува да оствари средби и со други политички чинители.

По Скопје, Рама заминува за Приштина каде што ќе се сретне само со претседателката на Косово Вјоса Османи, откако премиерот Албин Курти одби средба со него. Потоа Рама ќе го посети и Сараево каде што ќе има средба со претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто.

Балканската турнеја албанскиот премиер ќе ја заокружи со посети на Подгорица и Белград и средби со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ.