Пред 32 години на денешен ден легендите на македонскиот фудбал Дарко Панчев и Илија Најдоски ја освоија светската клупска титула триумфирајќи со белградска Црвена ѕвезда над чилеански Коло Коло во финалето на Интерконтиненталниот куп.

Шест месеци по историскиот триумф над Олимпик Марсеј во Бари во финалето на Купот на европските шампиони, Црвена ѕвезда на 8 декември 1991 година во Токио го совлада јужноамериканскиот првак Коло Коло со 3-0 (1-0) и ги обедини титулите европски и светски првак.

Двоен стрелец беше Владислав Југовиќ (19 минута, 58), а печат на победата стави најдобриот европски стрелец во сезоната 1990/91 Дарко Панчев во 72 минута.

Панчев и Најдоски беа дел од триумфот на Црвена ѕвезда чиј дрес во финалето на Националниот стад во Токио пред 60.000 гледачи го носеа и Милојевиќ, Радиновиќ, Белодедиќ, Васиљевиќ, Ратковиќ, Југовиќ, Михајловиќ, Стошиќ и Савичевиќ.