Зоран БОЈАРОВСКИ
Смешна е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ со евтиниот сценски настап на нивниот портпарол да го пренасочи вниманието од едноставното, но сепак илустративно објаснување на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека ниту договорот со Бугарија, ниту прегледите од член 12 нема да бидат пречка за напредок во европските интеграции. Османи со два едноставни цртежа објасни дека тие не се дел од поглавјата, ниту во одредниците содржани во акциските планови, ниту пак било каде во специјалниот дел од преговарачката рамка за кој ќе бидат изготвувани извештаи и по кои ќе се гласа.
Османи укажува дека преговарачката рамка е поделена во два дела – општ и специјален дел. Во општиот дел се т.н. општи одредби од преговарачката рамка за коишто ниту се прави писмен извештај од Европската Комисија, ниту е потребно гласање од страна на Европскиот совет, т.е., од стана на земјите-членки на Унијата.
Тоа значи дека ниту Бугарија, ниту било која друга членка на ЕУ нема формален инструмент ниту да стави некаква пречка која може да го блокира процесот на нашето пристапување во членство во Европската Унија
Во специјалниот, како втора рамка од преговорите се 35-те поглавја, постојат одредници кои мора да се исполнат и за кои Европската Комисија подготвува извештај, а земјите- членки со гласање го одобруваат.
Овие одредници се содржани во трите патокази што претставниците на Северна Македонија во процесот ќе ги подготват после скринингот, а ќе ги усвои Европската Унија.
Скринингот досега се одвива без никакви посериозни укажувања и штом биде завршен, некаде во октомври, ќе бидат подготвени одредниците патоказ за владеење на право, патоказ за јавна администрација и патоказ за демократски институции.
Во еден од овие патокази, патоказот за владеење на право, се наоѓа обврската да се изготви акциски план за малцинства, за сите малцинства, етнички или неетнички.
Со глас за уставните амандмани со кои Бугарите и другите етнички заедници во земјата ќе бидат внесени во државниот конститутивен акт, гласањето за напредокот во преговорите низ 35-те поглавја, како и гласањето за содржината на одредниците, ќе биде формално со оглед на фактот дека досега ниту една земја членка, вклучувајќи ја и Бугарија, немаат други забелешки кои би претставувале пречка или би го блокирале евроинтрегреацискиот процес на Северна Македонија.
Оттаму, пратениците на на ВМРО-ДПМНЕ се исправени под сериозен притисок пред несоборливите аргументи дека иднината на Македонија е во нивните раце и ја имаат целосната одговорност доколку не ја прифатат реалноста дека нивниот глас за уставните амандмани е глас за иднината на земјата.
Затоа никакви реторички еквилибристики на нивниот партиски портпарол не се и не можат да бидат сериозни аргументи да ги затворат очите пред реалноста или да ја препознаваат како поинаква освен таква каква што е.
Во паника и исплашени пред несоборливите аргументи што им ги нацрта министерот за надворешни работи, ВМРО-ДПМНЕ ја активираше партиска машинерија за да спинува и да ја извртува реалноста. Го исполнија јавниот простор со навреди и пропаганда која со ништо аргументирано не ги оспори оние на Османи.
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ мора да прифатат дека лагите и пропагандата на нивната лидерска врхушка е разоткриена и дека тие не смеат да си дозволат да бидат алатки, иснтрументи за спроведување на тие пропагандни лаги.
Граѓаните имаат право да бидат јасно и прецизно информирани за прашањата од кои зависи во каква земја ќе живееме во иднина. Политичките избраници на граѓаните им должат аргументирана политичка дебата, а не паушални и шпекулативни обвинувања за кои нема никаква основа, каква што практикува нивното партиско лидерство.
На тоа ги обврзува пратеничкиот статус и привилегии, како и иднината на земјата и на народот, ако веќе се согласиле дека европската интеграција на земјава претставува стратешки државен интерес.
Европската иднина ни е на дофат и Македонија заслужува да продолжи успешно да ги води преговорите.
Превземено од Рацин.мк