Сѐ повеќе бракови завршуваат со развод, иако некогаш тие се сметаа за вечни, сепак статистиката го потврдува овој тренд.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период претходната година. Истовремено, бројот на склучени бракови се намалил за 14,7%, односно биле регистрирани 2.430 бракови.

Според социолошките анализи, една од главните причини за зголемениот број разводи е избрзаното стапување во брак, без доволно запознавање меѓу партнерите. Недостатокот на комуникација, различните животни вредности, како и финансиските проблеми, исто така, играат значајна улога во распадот на брачните заедници. Дополнително, социолошките фактори, како што се мешањето на семејствата во брачниот живот или неможноста на младите парови да живеат самостојно, често предизвикуваат тензии што водат кон разделба.

Освен кај браковите, статистиката покажува и пад на бројот на раѓања. Во последниот квартал од 2024 година се родени 3.968 деца, што претставува намалување од 4,2% во однос на истиот период лани. Бројот на починати изнесува 5.174 лица, од кои 10 доенчиња, што е пад од 1,0% во однос на истиот квартал во 2023 година. Природниот прираст останува негативен, со разлика од -1.206 меѓу бројот на новородени и починати.

Овие податоци укажуваат на континуирани демографски промени, кои во иднина може да имаат сериозни социоекономски последици.