Од денеска до 25 јули продолжува портокаловата фаза во цела држава. Поради тоа Министерството за труд и социјална работа и Владата информираат дека продолжуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури.
Како што информира владината прес-служба, се препорачува ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работата, таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа.
Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
– Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се вели во соопштението.
Владата на вчерашната 173-та седница одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
– Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници, стои во соопштението.
Градинките, како што се наведува, треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од девет дена, од денеска до 25 јули, или до натамошно одлучување.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, портокаловата фаза се очекува да трае во следните 10-тина дена. Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе бидат во портокалова фаза.