Група од 10 пензионирани американски високи воени лица, кои имале раководни државни позиции, ја објавија својата поддршка за кандидатката за претседател од Демократската партија, Камала Харис.

Воените лица го критикуваа републиканскиот кандидат за претседател, Доналд Трамп, и го нарекоа „закана за националната безбедност и демократијата“.

Изјавата е дел од отвореното писмо потпишано од пензионираниот генерал Лари Елис и пензионираниот контраадмирал Мајкл Смит. Поранешните воени лица ги цитираат коментарите на Трамп во кои ги омаловажува војниците, како и неговиот „хаотичен пристап“ кон Авганистан пред повлекувањето на САД, вклучително и договорот со талибанците кој дозволи на 5000 борци на групата да се вратат на бојното поле.

За разлика од него, Харис „покажа способност да се справи со најтешките предизвици во областа на националната безбедност во Ситуационата соба и на меѓународната сцена“ – од инвазијата на Русија во Украина до тензиите со Кина во Индо-тихоокеанскиот регион, изјавуваат воените лица.

„Харис е најдобриот – и единствениот – кандидат за претседател во оваа трка кој е соодветен да служи како наш врховен командант“, пишуваат тие во писмото, објавено на социјалната платформа „Икс“ од изборниот штаб на Харис.

Писмото се совпадна со нова реклама на кампањата на Харис, објавена пред дебатата на двајцата кандидати утре вечер. Во неа, поранешни соработници на Трамп предупредуваат дека вториот мандат на Трамп би создал големи ризици.

„Во 2016 година, Доналд Трамп изјави дека ќе ги избере само најдобрите луѓе за да работат во неговата Белата куќа. Сега тие луѓе упатуваат предупредување за Америка. Трамп не е соодветен повторно да биде претседател, загрижени се неговите поранешни соработници“, се вели во рекламата.

Во неа се вклучени видеа од поранешниот потпретседател на Трамп, Мајк Пенс, поранешниот министер за одбрана, Мајк Еспер, поранешниот советник за национална безбедност, Џон Болтон, и поранешниот претседател на Обединетиот комитет на началник-штабовите, генерал Марк Мили.

Во своето писмо, пензионираните воени лица го обвинуваат Трамп дека „не ја презел одговорноста за својата улога во ставањето на војниците во опасност“. Тие го истакнуваат договорот на поранешниот претседател за ослободување на талибански борци без учество на авганистанската влада и дека не оставил план за повлекување откако ја напуштил функцијата по поразот на изборите во 2020 година.