Азра Зорниќ, по чија жалба Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди против Босна и Херцеговина (БиХ) поради дискриминација, денеска најави можност да побара исклучување на БиХ од Советот на Европа поради неспроведување на таа пресуда.

На седницата на Здружението на независни интелектуалци „Круг 99“ на тема „И БиХ против пресудите на Европскиот суд за човекови права“, Зорниќ изјави дека ќе ја продолжи својата борба преку комуникација со Комитетот на министри на Советот на Европа за надзор на извршувањето на пресудите на ЕСЧП, од која на крајот ќе биде побарано да предложи исклучување на Босна и Херцеговина од Советот на Европа, „бидејќи на таа земја, каква што е, не и е таму местото“.

– Уште на 27 февруари годинава поднесов кривична пријава против лидерот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело неспроведување на одлуката на ЕСЧП, рече Зорниќ, додавајќи дека добила одговор од обвинителството за неводење истрага.

Како што пренесе Бета, таа нагласи дека ќе поднесе нови кривични пријави против одговорните за неспроведување на пресудите на ЕСЧП.

На 5 јули 2014 година, ЕСЧП донесе пресуда за случајот „Зорниќ“, во која се наведува дека на Азра Зорниќ и се прекршени човековите права.

Зорниќ ја тужеше Босна и Херцеговина за дискриминација, односно поради неможност да учествува на изборите за Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина затоа што не се декларира како припадничка на еден од трите конститутивни народи во Босна и Херцеговина. ј