Два нисконапонски изводи во скопското село Студеничани во моментов се без напојување како резултат на преоптоварување поради кражби и неконтролирано користење на електрична енергија во тој дел од селото, соопшти денеска ЕВН.

Дефектот, како што наведуваат, не може да се отстрани поради едно одредено семејство кое, како што велат, практично ги држи другите 100 домаќинства во заложништво без снабдување со струја.

Според информации на терен, едно семејство веќе подолго време присвоило и оградило улици на подрачје од 30-тина куќи и ги спречуваат екипите на ЕВН да го санираат дефектот.

-Неопходно е да се санира дефектот и реконструира мрежата за да се овозможи легално приклучување и мерење на електричната енергија. Нашата законска обврска е да им обезбедиме на сите граѓани стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија, велат од ЕВН додаваат дека вложуваат напори да се надмине ситуацијата.