Под контрола се двата крака од пожарот кај Ајватовци во Општина Илинден, а се интервенира и за гаснење на нов пожар во атарот на Општина Студеничани.
– Пожарот на вториот крак кај селото Ајватовци е конечно ставен под контрола. Се продолжува со интервенцијата на полициските хеликоптери и авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и на пожарникарите, доброволците од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и локалното население. Конечно сум оптимист во врска со овој пожар, изјави за МИА, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Поради пожарот во Студеничани во активностите за гасење на пожарите ќе се вклучи и армиски хеликоптер.
Пожарот кај селото Ајватовци започна вчера попладне, а по интервенција на скопските противпожарните екипи и локалното население во текот на ноќта беше ставен под контрола. Пожарот денеска повторно се разгоре, а во негово гаснење се интервенира и со два полициски хеликоптера и авион на ДЗС.
Од скопската Противпожарна бригада за МИА информираат дека скоро сите жаришта во Ајватовци се стивнати, но мора да се контролира за да не се разгорат повторно, додека за пожарот во Студеничани појаснуваат дека станува збор за непристапен терен и дека две екипи во моментов интервенираат за гасење на пожарот.