Во Битола денеска започнува 13-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал – Битолино, кој оваа година ќе се одвива под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“.
Фестивалот ќе се одржи на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција, ќе се одржат на сцената на НУ Народен театар Битола.
ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно е проект од национален интерес во културата за 2024 финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2024 и составен дел од програмата на Битфест 2024.
„Бабец театар“, како што наведуваат организаторите, и покрај сите кризи кои го зафатија општеството продолжи да создава театарски претстави, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои ќе отворат нови полиња за размислување кај децата.
-Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот. Оваа година пријавени се повеќе од 50 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и é исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и ИДТФ „Битолино“. Брендот „Бабец театар“ кој цели 14 години успеа да опстане како професионален детски театар со 22 премиери и над 65.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (16.760) имаше можност да погледне 84 претстави од 48 театри кои во Битола допатуваа од 30 различни земји од четири континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата, истакнува Васко Мавровски, директор на ИДТФ Битолино.
Бабец театар како дел од Македонскиот национален центар АСИТЕЖ на ова издание на ИДТФ „Битолино“, додава Мавровски, ја започнува својата мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца преку одржување на неколку состаноци и дебати со театарските работници.
-Свесни сме дека нема да биде лесно, но наш единствен адут е квалитетот кој многупати сме го потврдиле, еден пример за тоа е освоената награда за најдобра женска улога на актерката Јулијана Мирчевска за улогата на Марика во претставата „Јованче и Марика“ во продукција на „Бабец театар“ на 1-от Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на НУ „Театар за деца и младинци“ од Скопје“, наведува Мавровски.
Честа да настапат на свеченото отворање на 13. издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на Antzoki Teatteri од Шпанија со претставата „Огномет – искри на животот“. На вториот фестивалски ден ќе настапат гостите од „Тheatre Stories“ театарот од Литванија со претставата „Стапица“. Третиот фестивалски ден на ИДТФ Битолино ќе биде посветен на организаторот „Бабец театар“, кој по повод 14-от роденден на
децата во Битола ќе ја подари својата најнова премиера „На гости кај Кате и Фреда“ во режија на Јован Ристовски. Претставата е дел од годишната програма на Министерството за култура за 2024 година и ќе биде изведена надвор од натпреварувачката програма. Наредните денови се резервирани за претставите: „Големото езеро“ во продукција на театарот „Imaginar do Gigante“ од Португалија, претставата од Германија во продукција на „Theater Kunstdünger“ со наслов „Подла патека“. Последниот фестивалски ден ќе започне со претставата „2- квадратни метри“ во продукција на Gobi Dance Company од Унгарија, а втората претстава за овој ден е проектот на Odivo театарот од Словачка со наслов „Воздух“.
Оваа година за време на Фестивалот ќе се одржува и театарската работилница со наслов „Приказна во движење“ под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски, со што Битолино ја продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и преку говорот на телото, без употреба на зборови, ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Театарската работилница ќе трае пет дена односно ќе претставува мини процес за создавање на театарска претстава, започнувајќи со запознавање на основните движења во пантомимата и претставување на основните ликови во комедија дел арте се до креирање на една приказна односно кратка вежба во која актери ќе бидат самите деца учесници на работилницата, а ќе биде презентирана пред публиката на последниот ден од Фестивалот.
На 13. издание на ИДТФ „Битолино“ ќе биде доделена наградата „Гран При за најдобра претстава во целина“, за наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници од интернациналното жири во состав: претседател на жири комисијата Милан Пајиќ (Србија), актер и членовите на жири комисијата: Драгана Милошевски Попова, театарски режисер и Благојче Божиновски, театарски режисер.
-Оваа година тимот кој неуморно цела година работеше на подготовките за реализација на фестивалот Ви ветува едно незаборавно дружење со одлични претстави. На крајот сакам да ја изразам мојата благодарност до сите 50 волонтери кои работат во организацијата на фестивалот без кои Битолино не би бил тоа што е, додава Мавровски.
ИДТФ „Битолино“ финансиски е поддржан од локални финансиски компании. За успешна реализација на фестивалот со своите капацитети ќе помогнат НУ Центар за култура Битола и НУ Народен театар Битола. Логистичката поддршка за фестивалот е од Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ, Светската
асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.