Емилија ЦЕЛАКОСКА
Да си ја замислиме играта Chicken game, или „кој е кукавица“, наместо со два автомобили што итаат со огромна брзина еден кон друг – со два автобуси полни со луѓе. Според оваа игра, губи тој којшто ќе скривне и ќе избегне челен судир. Пред да се игра ваква игра понекогаш се игра и „предигра“, која го дефинира поттипот на самата главна игра. Да си замислиме дека едниот шофер во „предиграта“, намерно си го заглавува воланот на автобусот којшто тој ќе го вози, за да не западне во искушение да го сврти воланот и така да изгуби во играта. Всушност, тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го ветува – „воланот не ми врти, одиме само право, качувајте се на мојот автобус, ќе победиме“!
Chicken game навистина се разгледува како теоретски математички проблем. Се разгледуваат сите опции за избор на дејство и често проблемот се проширува со варијанти. Самата игра е варијанта од „сокол – гулаб“ моделот, според кој соколот е ознака за агресивно дејство (возење право), а гулабот – отстапува (ќе избегне судар). Овој модел често се среќава кај животинската територијалност, при што кај дел од видовите инсекти и животни, во рамки на истиот вид, се подразбира дека оној којшто дошол прв – тој полага право на територијата и очекувано игра „сокол“, а вториот само пробува и отстапува, очекувано игра „гулаб“. Кај други видови инсекти и животни, пак, се подразбира обратното, прводојдениот отстапува, а вториот се подразбира дека ќе ја добие територијата. Како да има некој закон, договор во заднината и животните од истиот вид го подразбираат. Доколку не се блиски соседи, нема јасен договор меѓу различните видови и се случува да се мерат силите меѓу прводојдените и втородојдените.
Луѓето, како колективи, се наклонети кон првата шема како непишан договор кој се подразбира – првиот дојден и за најмала ситница (територијата принципиелно веќе може да се смета како средена работа иако праксата не го почитува ова сосем, сеуште) – полага право на неа. Сте застанале во редица пред шалтер и заднинскиот договор е – се подразбира дека тоа место е ваше, иако е само за тие неколку 10-15 минути. Сега, замислете некого што претпоставува дека му се исплатува туркање преку ред, без збор. Нервозата која ве обзема, ве чини и одлука за избор, и цената по одлуката. Меѓутоа, карактеристично е што, и со избор на дејство „сокол“, и со избор на дејство „гулаб“, во таква ситуација чувствуваме губиток. За двете опции плаќаме цена: Или сме се пренервирале и испокарале, или сме го изгубиле местото, а некогаш и двете. Само некои ирационални моменти од карактерот или околностите нијансираат за која опција чувствуваме дека помалку би изгубиле. Не би добиле, туку само помалку би изгубиле. Секогаш сум се прашувала дали туркачот навистина добил, особено што задолжително му го „загорчувам животот“ со карање или сирена во сообраќајот. Обидувајќи се да замислам психопат во позиција на туркач, сепак изгледа дека не добива толку колку што замислил, односно и тој губи, но евентуално, помалку. Така што овие игри, освен што се некоординирани, што самото по себе за – на пример, автобус полн со луѓе – е страшно, се игри за НЕгубење, а не за добивање.
ВМРО-ДПМНЕ како да е креирана врз основа на првата шема – да инсистира на „првост“ на Македонија во изворниот животински територијален контекст. За спроведување на тоа, се концентрира на историцистички менаџмент, па оттаму ги добивме антиквизацијата, „најстар народ“ и слично, но и соодветно географски -оттаму „целадае“, мапи со териториите од некои минати времиња, итн. Како да има задача постојано да притиска за зацврстување на заднината на договорното дејство (за други, евентуални играчи), со признавање исклучиво на дејството „сокол“ за одбрана, односно негубење на територијата. Тоа е секогаш воено расположение и затоа не е за чудење што од овие редови извираат наративи и симболики секогаш поврзани со војна. Униформираноста и симболицирањето се дури и несуптилни.
Меѓутоа, колку и да е пофално тоа што е природно како и за територијалноста на животните, ВМРО-ДПМНЕ го проширува овој курс и на работи (политики) кои немаат врска со територијалност и запаѓа во контрадикција на сопствената идеја. Дополнително, термините („предавници“, „одродници“ итн. ) со кои ги маркираат сите кои не ја бираат агресивната опција координирано со нив, е агресивно инсистирање (значи, дејство „сокол“) на заднински договор – дека тука секогаш се бира опцијата „сокол“ – и точка. Гулаби – мрш (ексклудирање на дел од сопствениот народ). Да забележиме дека со ова е подигната димензионалноста на играта, изборот на „сокол“ е дуплиран. Зошто така, дали навистина за уште „појака“ одбрана (помало негубење) на изворниот предмет – територијата? Секако дека е друго. Но, прво да се потсетиме, влогот во агресивната опција често е сѐ, самиот живот, а во челен судир на автобуси – и туѓи животи. Значи, како да сме влезени во chicken game со големи автобуси.
Не е тоа самото продолжување на преговорите со ЕУ (или претходно, влегувањето во НАТО), туку токму платформата за избор на само една опција („сокол“, преточено во „не“) од ВМРО-ДПМНЕ дури и во област каде што нема природен „територијален“ договор, односно има слобода за разум за избор и на другата опција „гулаб“. Креирањето сцена на два автобуси со качен народ на двата од нив, во chicken game, при што ВМРО-ДПМНЕ го закочилa својот волан е моменталната слика што ВМРО-ДПМНЕ ја нуди. Во оваа слика, каде сме ние, граѓанството – качени сме сите на автобуси со луди шофери или, пак, сеир си гледаме отстрана? Дали, тогаш, треба молчешкум да гледаме, или што и да е – може и да не гледаме, да глумиме амеби? Или, како на трибини, имаме некаква природна мотивација – да навиваме, можеби? Зошто воопшто сме присутни во сликата? Дали навистина сме некаде далеку од сударот – баш како на трибини? Не и не.
Тврдам дека и покрај големата „предигра“ со закочување волан и голема ѓурултија, суштински – нема игра, бидејќи нема двајца играчи. Навидум изгледа дури и како да се три страни – две лудачки и една инертна, но реално, има само еден играч, кој халуцинира друг играч. (Добро, не може баш да кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ го халуцинира про-ЕУ мнозинството, туку халуцинира дека е во chicken game, во која про-ЕУ мнозинството му е вториот играч). Вештачки наметнува дека про-ЕУ мнозинството му е соиграч, користејќи го фактот што по дефиниција постои само една, единствена алтернативна опција на присвоеното дејство „сокол“. Па ако некој запнал да се дефинира себеси со дејството „сокол“ („не“) во игра во која е сосем меродавна и опцијата „гулаб“ („да“), тогаш секој друг, што и да прави, па дури и да не игра, овој би го „набедил“ дека игра „гулаб“! Тоа е како некој што запнал да се дефинира себеси како „бел“, па и покрај тоа што си работите „сино“, „црвено“, „ зелено“, „лилаво“, тој ве набедува дека штом не сте „бел“, тогаш мора да сте „црн“! (Или-или фалшлива логика, можеби треба да си стават зебра, панда или пингвин за симбол!).
Затоа, сите шарени им се црни, односно максимално ексклудираат сѐ што не е обоено како нив. Овој начин е уцена преку првите три нивоа од хиерхијата на потреби за едно човечко битие. Што е самото по себе злосторство, човечко злосторство, настрана што е насочено кон свои сонародници. Во своите дегутантни и постојани закани за линч кон сѐ поинакво од нив, во обиди да ги разнишаат душите на луѓето со сигурноста за живот, безбедноста, па и на следното ниво – чувството на социјална припадност, всушност го попречуваат патот кон следното ниво на хиерархијата на човечките потреби – да се биде исполнет со самодоверба. Наместо тоа, згора на застрашувањата со линч на другоста, тие нудат некој евтин вип-снобизам за своите истобојни, во замена за вистинската човечка самодоверба.
Да не зборуваме и за следното ниво на самоактуелизација кое е можно само во шарена, демократска средина, а не во нивната црно-бела, поточно монохроматска. Двете напредни нивоа на самодоверба и самоактуелизација Македонците слободно ги уживаа во рамки на СФРЈ, додека сега сите се пресечени на тој пат со простачки снобизираните купувачи на билети за „рајот“ на ВМРО-ДПМНЕ. Како повеќемина да уживаат што, наводно, би биле привилегирани, па тоа го зрачат дури и така што ќе се напикаат на семафор, на каса, на шалтер, на доктор, пред сите… Како да веруваат во бесплатноста на специјални, ексклузивни работи за себе и уште и, им веруваат на продавачите на такви билети дека таа „услуга“ ќе им се подобри доколку повеќе ги има такви! Зачудувачки, нема што.
Но, еден Македонец кој се гордее со жилавоста, сепак може малку да го вклучи „бојлерот“ и да излезе од монохроматското пропагандно кутивче. Нека се праша – да не е премногу нападно, одвишно инсистирањето на „првост“ (кој прв дошол на оваа почва, целата антиквизација, „воините“ и толку трошок за такво нешто). Да се посомнева зошто толку многу би имало потреба за нападно зајакнување на заднинскиот договор што дури и животните го прават далеку подискретно, за тоа – кој тука ги има „природните права“. Од каде дојде толкава несамодоверба кои сме и каде сме, па морало толку да се притиска на тој начин, отворено, директно, а не со ум и со согледување на неживотински, други, можеби поинтелигентни игри од евентуални напаѓачи? Идентитетот и свеста за идентитетот се живи само на високото ниво на самодоверба на Масловата хиерархија, при добри социјални политики и демократија – кога нема да се чувствува човек загрозен и/или отфрлен. Зошто постојано масовно да тлее чувството на загроза – кај своите од туѓинци, а кај останатите – од нив, трибалните вжештени глави?!
Понатаму, какво е тоа несфаќање, имено, светско движење како што е социјалдемократијата да се сфаќа специјално спротивно на – македонството. Не ли е тоа, некако, нескромно, неверојатно, и затоа – нереално? Штом социјалдемократијата е светски дефинирана, нели, тогаш, штом се дефинираш како нејзина антиномија, само се гребеш за сопственото дефинирање токму од социјалдемократијата? Всушност, така ВМРО-ДПМНЕ лесно проектира несамодоверба, токму затоа што самата ВМРО-ДПМНЕ како концепт е недефинирана аморфност. Недефинираност која сака да се издефинира самата исклучиво како спротивна на македонската социјалдемократија затварајќи очи пред фактот дека македонската гранка е дел од интернационалната, одлично дефинирана социјалдемократија. Самата ВМРО-ДПМНЕ како концепција е затоа – епистемолошки проблематична. Како стапалка во песокот што се дигнала да го малтретира стапнувачот, како некаков Гозер (малигниот дух од „Истерувачи на духови“). Принцип на здрав разум е вакво „суштество“ да се земе со зрнце сол, наместо да се потпадне во правење уште понедефиниран господ од него.
Ова суштество ни нуди халуцинации за надворешен непријател – но каде е тој непријател, кој е тој којшто однадвор ќе дојде и ќе ни го ускрати опстанокот, па ние грчевито се утврдуваме овде? Значи, надворешен непријател мора да се халуцинира, инаку нема оправдание за грчевито држење само на една опција – агресивната опција „сокол“, односно неинвентивното „НЕ“. И ова не е само сега, ова се случува во сите политички ситуации, незнајковците замислиле дека тоа е „опозиција“. Сите политички ситуации еднакво халуцинантно си ги преведуваат во варијанти на „сокол – гулаб“- игра, или chicken game и со избор само на „НЕ“! Ем никој друг не им ја игра таа игра, ем да е притиснато само и исклучиво – едно единствено копче!
Ова потсетува на саботажа – заглавена игра, со заглавена опција, со лажни вредности придадени на опциите… Македонија е како во некој вид Матрикс: Со ставен визир на очите, Македонија лажно си доживува chicken game меѓу националистите (трибалистите, всушност) од сите провиниенции и „СДС“. Си доживува сосема реални аритмии и можен срцев или мозочен удар (растурање на институциите) од сосема реален стрес заради виртуелна chicken game со заглавен волан. Притоа, надвор од овој Матрикс, благодарение на медиумскиот недостоен однос (нотиран интернационално, на пример во Репортери без граници), не успева да го тргне визирот од очи и, конечно, да руча (да го поддржи воспоставувањето на ЕУ- стандардите во институциите), после дваесет-триесет години. Го заборави гладот од стрес заради халуцинации. Во реалноста, владината коалиција после трчањето по намирници, моментално стои со лажичката од пасирани ЕУ-брокулче со јаболче и вика „Ајде, ааа-ам!“, но, некако, не продира тоа во Матриксот. Не може да знаеме што во реалноста ВМРО-ДПМНЕ прави за успешно да креира ваква виртуелност, но да се надеваме, тој којшто помага во тоа, белки ги советувал да не рекреираат вистинско судирање на нивниот „автобус“ во карпа или да продолжуваат „право“ во реална провалија , оти соиграч за chiicken game ВМРО-ДПМНЕ во реалноста – нема.
Дури и да е потребна завршница на виртуелната игра со цел – анплаг на Македонија од трибалниот Матрикс со chicken game, со итерирањето на „сокол“ во „сокол“ тешко дека се плаќа пониска цена отколку со итерирање на „сокол“ со „гулаб“ (неотстапувањето на про-ЕУ мнозинството), бидејќи цените, чесно припишани зад секоја од тие опции, не се разликуваат драстично меѓусебе, за секој од „двата“ играчи (штом единствениот играч се грижи кој е победник на избори, а не за дали Македонија ќе продолжи кон ЕУ). Тоа што пропагандно и неосновано се придаваат вредности зад двете и до плус или минус милион, во принцип, има минорно влијание на исходот (победник на избори), токму заради неискреноста за што игра на единствениот играч – за избори час поскоро или за Македонија во ЕУ.
Превземено од Рацин.мк