Денеска се навршуваат 50 години од турската интервенција на Кипар, на 20 јули 1974 година, ден што традиционално се одбележува на островот – во северниот дел со прослава и присуство на турскиот претседател, во јужниот, во Република Кипар за сеќавање на црната годишнина во присуство на кипарскиот претседател и грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.
Во Претседателската палата во Никозија претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис вечерва ќе биде домаќин на настан на кој ќе им се обрати на присутните, а свое обраќање ќе има и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој воедно е и првиот премиер на Грција што присуствува на годишнината од поделбата на островот.
На Кипар од вчера се и лидерите на СИРИЗА и ПАСОК, Стефанос Каселакис и Никос Андрулакис кои на одделни настани присуствуваат на манифестациите во Никозија.
Кипарскиот претседател во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА се осврна на „црната годишнина од предавничкиот пуч и варварската турска инвазија“, истакнувајќи дека она што сега се случува во Украина, „каде што меѓународната заедница со право реагира, се случи во европскиот Кипар пред 50 години“ со што се продолжува кршењето на основните човекови права.
– Ова е историската реалност во мојата земја. Реалност што ја прави неизбежна потребата да се стави крај на сегашното неприфатливо статус кво и да се реши кипарскиот проблем. Решение кое ќе биде во рамките на одлуките на Организацијата на Обединетите нации, целосно земајќи го предвид постигнатото од досегашните разговори, како и принципите и вредностите на Европската унија. Само едно трајно и одржливо решение на кипарското прашање ќе ги врати основните слободи и човекови права за сите, без исклучок, легални жители на Кипар, рече Христодулидис.
Објасни дека во тек е нова иницијатива на генералниот секретар на ОН за рестартирање на разговорите од каде што беа прекинати во летото во 2017 година, истакнувајќи дека прават сè што е можно за да создадат услови за продолжување на разговорите и „изнаоѓање решение кое ќе стави крај на окупацијата“.
– Сегашната состојба не само што не може да биде иднината на мојата татковина, туку не ја гарантира ниту иднината на кипарскиот хеленизам, истакна претседателот на Кипар.
Од друга страна, во Турска Република Северен Кипар, признаена само од Анкара, планирана е прослава „за 50-годишнината од мировната операција на Кипар“ на која ќе присуствува и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.
Од турското Министерство за одбрана на платформата Икс објавија видео-најава за „50-годишнината од среќната мировна операција“, а постот го започнаа со стих од песна „Не викај ме толку срдечно. Можеби ќе дојдам ненадејно една вечер“.
Паралелно ги повикаа сите „браќа и сестри од Кипар“ на парадата што ќе се одржи со учество на 50 турски бродови.
Лидерот на кипарските Турци, Ерсин Татар за Би-би-си рече дека денешниот ден е важна годишнина за нив, бидејќи пред 50 години беше спроведена „мировна операција“, а Турција „интервенираше за да ги заштити кипарските Турци, кои беа на работ на истребување“.
Во исто време, како што пишуваат медиумите во Турција, турскиот Парламент усвои резолуција по повод „50-годишнината од мировната операција на Кипар“, според која, „не може повеќе да се одложува заземањето на заслуженото место на Северен Кипар како независен и суверен член на меѓународната заедница“.
– Ја повикуваме меѓународната заедница да стави крај на нехуманата изолација наметната врз народот на кипарските Турци и да ја признае Турската Република Северен Кипар (ТРСК) на начин што го заслужува, се вели во резолуцијата усвоена во турскиот парламент.
На 20 јули 1974 година, како одговор на кипарскиот државен удар поддржан од грчката хунта пет дена претходно, што за цел имаше приклучување на земјата кон Грција, турските трупи го зазедоа на северниот дел на островот, односно 36 отсто.
Островот, оттогаш е поделен помеѓу Република Кипар, земја членка на ЕУ од 2004 година, управувана од кипарските Грци и самопрогласената Турска Република Северен Кипар, со прогласена независност во 1983 година и признаена само од Турција.