„Кај партиите на Албанците речиси и да нема ронка достоинство, одамна е изгубено и веќе нема некоја голема кауза за доброто на Албанците и на општеството воопшто. Затоа се толку непредвидливи и колку и да зборуваат за единство, го немаат во себе“, вели политичкиот аналитичар Урим Салиу, Коментирајќи ги актуелните настани и политичките случувања во албанскиот политички табор.
– Видовме како функционира ова последниве седум години, кои ја критикуваат власта, а потоа завршуваат во нејзини прегратки. Така, довчерашните политички непријатели стануваат пријатели и обратно. Затоа, ова во голема мера го дефокусира гласачот. Сите меѓусебни коалиции се од лични причини и за спас на политичките кариери. Ништо не се менува со политичките партии. Ниту самите партии знаат зошто постојат на политичката сцена, вели Салиу за „Фронтлајн“.
Според политичкиот аналитичар, Бесим Небиу, на следните избори во албанскиот политички камп ќе има две групации.
– Едната е околу ДУИ, а втората е околу трипартитна коалиција на Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами и нивните партии. Ќе имаме две алтернативи, во која првата е провладина, а втората ќе има опозиционо позиционирање и кампања. Нејасно е како ќе се позиционира АА на г-нот Таравари, односно дали ќе се припои на владиниот фронт или на опозицискиот. Во таа партија постои внатрешна дебата и многугласие по ова прашање, кое може да доведе и до поделба на партијата на два дела: анти-ДУИ и про-ДУИ, нагласува Небиу во изјава за „Фронтлајн“.
Новинарот и познавач на политичките случувања во албанскиот политички табор, Дритон Зенку, вели дека секој изборен циклус носи изненадувања.
– И овој пат ќе има свежина. ДУИ е на прво место на секоја анкета. Ниту една албанска партија не може да се соочи со ДУИ. Затоа се случуваат прегрупирања. Моментално, прегрупирањето се движи во два блока. Фронт за Европа и опозициски фронт. ДУИ, ДПА, ДЕП и партијата „Народот“ најверојатно ќе бидат заедно. Партијата на Ѓила Челик не е заинтересирана за блоковите. Во последен момент, мислам дека Алијанса за Албанците ќе се приклучи на Фронтот за Европа. На опозицискиот фронт ќе може да му се придружи која било невладина организација или движење од дијаспората, но од долу нагоре ова ќе биде формулација за соработка, изјави Зенку за „Фронтлајн“.
Од друга страна, продолжува јавното „лицитирање“ на власта и опозицијата околу одржувањето на претстојните претседателски и парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ излезе со конкретен предлог, да се одржат идната пролет, помеѓу двата најголеми верски празника, а СДСМ останува на ставот изборите да бидат наредната година во редовниот термин, прво претседателските, а потоа и парламентарните.
И додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски „да земе бел лист хартија и да напише кој било датум сака за одржување на парламентарните и претседателските избори на еден трошок“, портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски го повтори партискиот став дека се подготвени да разговараат за датумите за изборите, на ниво на работни групи.
Дестан Јонузи / Фронтлајн