Со настап на групите „Љубојна“ и „Брас Брадерс“, како и оркестарот на Бојан Ристиќ, синоќа почна Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2024. Дводневниот настан продолжува денеска со Етно саемот „Пехчевски Павловден”, како и вечерните настапи на познати балкански музички ѕвезди.
Денешната програма почнува со настап на домашни и странски културно уметнички друштва меѓу кои Руското културно уметничко друштво „Славјанка“, Културно уметничко друштво „Искрици“ од Благоевград, Р.Бугарија.
-Потоа следува настап на домашната група Група Штекици од Берово. Во вечерните часови е и фестивал на детски песни „Поточиња“, а потољ следува главната програма со настап на Дувачки оркестар „Dejan Petrovic Big Band“ од Р.Србија, концерт на Милица Тодоровиќ и настап на Dj Doomloaf, информираат од Општина Берово.
На Етно саемот „Пехчевски Павловден” производителите од регионот ќе можат да ги претстават своите рачни изработки.
-Да напоменеме дека денес е и Павловден, ден на градот Пехчево заради што и саемот го носи името Пехчевски Павловден. Од таа причина секоја година се служи црковен ручек во црквата Св.Петар и Павле, посочија од општината.
Оттаму упатија отворена покана до сите граѓани од Малешевијата, Пијанец и пошироко да го посетат Пехчево и да уживаат во подготвената програма во рамки на Фестивалот за дувачки оркестри Пехчево 2024.