На територијата на Општина Аеродром, ОУ „Љубен Лапе“ е училиште со најмногу првачиња во претстојната учебна година. Запишани се 180 и поради тоа локалната самоуправа и училишното раководство прават доградба на дополнителни училници.
Училиштето денеска го посети министерката за образование и наука Весна Јаневска која заедно со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, изврши увид во градежните активности кои ќе завршат пред почетокот на учебната година.
Јаневска информираше дека во ова училиште и Министерството за образование и наука има инвестиција во реконструкција на санитарните јазли која е речиси завршена.
Министерката изјави дека искрено би се радувала кога убави вести за зголемен број запишани првачиња во иднина ќе пристигнуваат и од други општини и училишта.
-Наместо да слушаме како континуирано се намалува бројот на првачиња, а наставници се соочуваат со ризик од губење на работни места, што секако, како Влада нема да дозволиме да се случува, рече Јаневска која ги разгледа и учебниците што веќе се дистрибуирани во ова училиште за учениците од сите одделенија.
Градоначалникот Митески изјави дека Аеродром е меѓу ретките, а можеби, рече, и единствена општина во која има зголемување на бројот на ученици и соопшти дека подготвени ќе ја почнат учебната 2024/2025 година.
-Во оваа година имаме повеќе од 400 првачиња, повеќе од минатата година, што многу нѐ радува, но ни претставува и обврска да обезбедиме просторни услови и капацитети за тие да ја следат наставата. Како општина, во текот на летото инвестираме 5 милиони денари во реконструкција на училиштата, а заедно, со помош на МОН, во ова и во уште едно основно училиште се реконструираат санитарните јазли. Дополнително набавувавме униформи за сите ученици од прво до деветто одделение, набавуваме таблети за учениците од четврто одделение, така што, можам да кажам дека комплетни го дочекуваме стартот на учебната година, истакна Митески.