Општина Дебар поднесе четири пријави на повикот за доделување средства од Министерството за локална самоуправа, кои се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура во градот и водоснабдувањето во селото Могорче.
-Пријавите ги поднесовме вчера, а сите проекти за кои аплициравме се оформени и сработени според бараните стандарди. Се однесуваат на реконструкција на три локални улици во градот и изградба на водовод во најголемото село во нашата општина, селото Могорче. Вкупниот износ на проектите е 680 илјади евра. Се надеваме дека ќе бидат прифатени, рече за МИА градоначалникот Хекуран Дука.
Кога станува збор за градските улици кои треба да бидат целосно реконстрирани, дообјаснува, станува збор за улицата „Сабри Карамети“ (поранешна „Петре Поповски“), улица „Миѓени“ („ЈНА“) и улицата „Петрит Бомова“ („Здравко Чочковски“).
-Во меѓувреме продолжуваме со реализација на проекти кои се во интерес на жителите. Се асфалтира нова улица во населбата Венец еден, каде се изградени неколку повеќекатници, со што се обезбедува соодветен пристап на станарите. Продолжуваме со работите од втората фаза на реконструкција на улицата во населбата Ново Коњаре, каде се поставува нова атмосферска канализација, нивелирање на шахтите, улично осветлување и поставување нов асфалтен слој, посочи Дука.
Првиот проект се реализира со средства од општинскиот буџет, додека вториот со кофинансирање со Бирото за регионален развој.