Општина Аеродром реагираше преку соопштение за несобраното ѓубре од контејнерите поради штрајкот на вработените во ЈП Комунална хигиена Скопје.
Во нивното соопштение се вели:
Обврска и одговорност на секој менаџер, вклучително на директорите на јавните претпријатија и градоначалникот на Град Скопје е да воспостават и одржуваат систем за соодветно менаџирање на ресурсите со кои располагаат и на таков начин да обезбедат квалитетна услуга за граѓаните. Чистотата, јавната хигиена и одржување на здрава животна средина е јавен интерес од кој сите имаме бенефит.
Делот на хигиената во Скопје кој е во надлежност на градските служби подолг временски период е во лоша состојба, а изминатите неколку денови, за жал градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ не успеа да најде начин како да го менаџира системот на одржување на чистата животна средина. Насекаде гледаме полни контејнери, а сите ние, граѓаните ја трпиме штетата од, неумесното и неодговорно менаџирање со јавното претпријатие.
Преполните контејнери смет и лошиот мирис кој се шири во општината е одговорност на Градот Скопје и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Граѓаните одговорно и навремено ја плаќаат комунална такса и тие заслужуваат чиста и средена општина. Токму поради тоа апелираме до надлежните, да ја тргнат политиката на страна и итно да изнајдат соодветно решение за собирање на сметот во општина Аеродром.