Ново обвинение е покренато против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, а одземен му е и пасошот.

Струшкиот суд го прифати предлогот на обвинителството и одлучи да му ја одзеде патната исправа и и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот.

Од Обвинителството информираа дека мерките биле побарани поради опасност од бегство, со оглед на тоа што поднесено е уште едно обвинение.

Обвинението се однесува на тоа што Мерко, во март, годинава, поставил споменик на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, велат од Обвинителството.

„Со последното поднесено обвинение, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна“, се додава.

ОЈО Струга веќе води осум судски постапки против Мерко кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, па надлежниот јавен обвинител оценил дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон.

САД претходно, минатата година, го означија градоначалникот на Струга како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти Стејт Департментот.

Оттаму истакнаа дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.

На црната листа на САД истовремено се ставени и неговата сопруга и трите полнолетни деца.

Американската амбасадорка, Ангела Агелер, половина година подоцна изјави дека по одлуката, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратиле до САД за да побараат споделување на доказите со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата што се на листата. Амбасадорката пред новинарите рече дека во Северна Македонија има епидемија на корупцијата и таа е присутна во сите пори на општеството, особено во изминатите десет години.

Мерко кој е долгогодишен градоначалник на Струга и поранешен патеник во Собранието, на функциите дојде од редовите на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ).