Во земја која веќе е на работ, обидот за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп ги разбесни неговите приврзаници, ја запре кампањата на Демократската партија и ги зголеми стравувањата од дополнително политичко насилство пред изборите во ноември.
Републиканските сојузници на Трамп го прикажаа како херој во саботата, користејќи слика на Трамп со крваво уво и крената тупаница додека ги извикуваше зборовите „Борете се!
Поддржувачите на Доналд Трамп истакнуваат дека демонизацијата на републиканскиот претседателски кандидат довела до обидот за атентат.
„Денешниот настан не е само изолиран инцидент. Централната премиса на кампањата на Бајден е дека претседателот Доналд Трамп е авторитарен фашист кој мора да биде запрен по секоја цена. Таа реторика директно доведе до обид за атентат врз претседателот Трамп“, изјави американскиот сенатор Џеј Ди (Џејмс Дејвид) Венс, еден од водечките кандидати за местото потпретседател ако Трамп повторно стане прв човек на САД.
Бајден брзо се обиде да ја смири ситуацијата, осудувајќи го нападот како неприфатливо политичко насилство и повлекувајќи реклами од кампањата кои го напаѓаат Трамп.
„Нема место во Америка за вакво насилство. Тоа е одвратно“, им рече Бајден на новинарите.
Мотивот на напаѓачот се уште не е познат. Осомничениот, 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк, е регистриран како симпатизер на Републиканската партија во избирачкиот список. Во исто време, тој донирал 15 долари на иницијативниот комитет кој собира средства за левичарски политичари и членови на Демократската партија.
Краткорочно, овој напад веројатно ќе придобие симпатии кон Трамп кога тој ќе се појави следната недела во Милвоки, Висконсин, на републиканската национална конвенција, каде што се очекува да ја добие претседателската номинација од неговата партија, зацврстувајќи го незадоволството и отуѓеноста на неговите поддржувачи од кастата политичари во земјата.
Милијардерите Илон Маск и Бил Акман побрзаа да го поддржат Трамп.
„Целосно го поддржувам претседателот Трамп и се надевам на негово брзо закрепнување“, објави Маск на X, социјалната мрежа што ја поседува.
Политичко насилство
САД се соочуваат со најголем и најдолг пораст на политичкото насилство од 1970-тите. Поддржувачите на Трамп упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година. И покрај тоа што беше претседател, Трамп водеше кампања како аутсајдер бунтовник, жалејќи се дека долго време е цел на „длабоката држава“ и администрацијата на Бајден, кои сакаат да го спречат да се врати на власт. Тој вообичаено користи насилна, понижувачка, па дури и апокалиптична реторика, предупредувајќи на „крвопролевање“ доколку не биде избран и велејќи дека илегалните имигранти во САД „ја трујат крвта на нацијата“.
Некои републиканци веќе реагираа на неговото постојано разгорување на огнот. „Ако земјата порано не беше буре барут, сега е“, рече Чип Фелкел, републикански активист од Јужна Каролина.
Бред Банон, стратег на демократите, смета дека пукањето може да има политички полза за Трамп бидејќи одговара на неговиот наратив дека земјата е на погрешен пат.
„Обидот за атентат создава симпатии за Трамп“, рече Банон.
„Тоа, исто така, им ја потврдува на гласачите идејата дека нешто во основа не е во ред во земјата, што е идеја што ја поттикнува поддршката за него. Многу гласачи веќе се одвратија и од Бајден и од Трамп. Хаосот околу кандидатите може да придонесе за чувството дека проблемите во земјата се непоправливи и дека не може да се премостат разликите меѓу партиите, вели Бенон.
Неколку часа по пукањето, изборниот штаб на Трамп објави текст во кој ги повикува гласачите да донираат за неговата кампања „Тие не ме гонат мене, туку тебе“, се вели во пораката.
Крис Ласивита, копретседател на изборниот штаб на Трамп, во изјава на „Х“ вели дека „со години, дури и денес, левичарските активисти, донатори на Демократската партија, па дури сега и Џо Бајден безобразно зборуваат за /…/Доналд Трамп / …/, крајно време е тие да одговараат /…/ и најдобро е тоа да се направи преку гласачката кутија“. Ласивита очигледно мисли на неодамнешните изјави на Бајден, дадени во контекст на барањето на неговите поддржувачи тој да се фокусира на Трамп, а не на неговите јавни настапи.
Американскиот конгресмен Стив Скализ, републиканец кој беше застрелан во 2017 година, изјави за Фокс њуз дека мора да се стави крај на пораките од кампањата кои поттикнуваат насилство.
„Потребно е само една личност, која е едноставно ненормална, да го слушне тоа и да дејствува според тоа мислејќи дека тоа е сигнал да се отстрани некој“, рече Скализ.