На врвот на најновото рангирање на универзитетите во светот во 2023 година на Шангајската листа и натаму се универзитетите од САД Харвард, Стенфорд и Институтот за технологија Масачусетс (МИТ). На листата меѓу првите илјада универзитети во светот и годинава нема ниту еден од нашата држава.

На четврто место е Универзитет во Кембриџ во Обединето Кралство, на петтото место е Универзитет на Калифорнија во Беркли, а потоа следува „Принстон“ во САД. На седмото место е Универзитет во Оксфорд во Обединето Кралство, а осмото место е на „Колумбија“ во САД. Потоа следуваат Технолошки институт во Калифорнија, како и Универзитет во Чикаго.

Кај универзитетите во регионот, забележано е подобрување кај Универзитетот во Белград, кој од позиција меѓу 401 и 500, сега е меѓу 301 и 400.

Универзитетот во Загреб го задржа минатогодишното рангирање меѓу 401 и 500 место.

Универзитетот во Љубљана е меѓу 601 и 700, а на листата се најдоа и четири грчки универзитети. Освен нашата држава, на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.